Авторите Џорџ Мартин и Џон Гришам го тужат сопственикот на „Чет-ГПТ“ тврдејќи дека нивните авторски права биле прекршени за да се обучи системот.
Мартин е познат по неговиот научнофантастичен серијал „Песна за мраз и оган“, кој беше адаптиран во серијата „Игра на тронови“ за Ејч-би-о.
„Чет-ГПТ“ и други модели на вештачка интелигенција учат со анализа на огромно количество податоци што често се добиваат на интернет. Во тужбата авторите тврдат дека нивните дела биле користени без дозвола за „Чет-ГПТ“ да учи.
Од компанијата велат дека ги почитуваат правата на авторите и веруваат дека треба да имаат корист од технологијата за вештачка интелигенција. Другите истакнати автори што се приклучија на тужбата се Џонатан Френзен, Џоди Пикулт и Џорџ Саундерс.
Случајот беше изнесен пред Федералниот суд во Менхетен, Њујорк, од Здружението на автори, американска трговска група која работи во име на наведените автори. Тие ја обвинуваат компанијата за учество во систематска кражба од масовни размери.
Ова е слично на правната постапка што ја покрена комичарката Сара Силверман во јули, како и отвореното писмо потпишано од авторите Маргарет Атвуд и Филип Пулман, во кое се повикуваат компаниите за вештачка интелигенција да им надоместат за користењето на нивната работа.
- Водиме продуктивни разговори со многу креатори низ светот, вклучително и Здружението на автори, и работиме заедно за да ги разбереме и дискутираме нивните грижи за вештачката интелигенција. Оптимисти сме дека ќе продолжиме да наоѓаме корисни начини за заедничко работење - велат од „Чет-ГПТ“.
Извор:
Klix.ba
Фото: Screenshot/YouTube