X
 25.10.2018 Економија

Десет држави во САД каде што роботите веројатно ќе им ја украдат работата на луѓето

Поради интензитетот со кој напредува технологијата, автоматизацијата е тренд кој ќе има влијание врз неколку сектори од економскиот живот во текот на овој век.

Според некои предвидувања, 38 отсто од работните места во САД ќе бидат изгубени во следните 15 години токму поради автоматизацијата. Една анкета на „Пју“ од 2017 година покажала дека 72 отсто од возрасните луѓе истакнале дека се загрижени за иднината во која роботите и компјутерите би можеле да ја вршат човечката работа.

„Смарт Асет“, финансиска технолошка компанија која дава онлајн-совети за личните финансиски одлуки, неодамна објави студија во која се пресметува во кои американски сојузни држави има работни места што се најранливи на автоматизацијата.

Методологијата на оваа компанија се состоела од разгледување на податоците за вработување во сите 50 американски сојузни држави и Вашингтон и анализа од два агли. Тие ги разгледале податоците за занимавањата на вработените, а потоа ги разгледале истражувачките студии од „Оксфорд“ и ги анализирале шансите одредено занимање да биде автоматизирано за една или две децении.

Ова се десетте американски сојузни држави каде што работните места се најранливи од автоматизацијата.

10. Алабама - се проценува дека помалку од 55 отсто од работните места во Алабама може да се автоматизираат.

9. Тексас - ова е втората земја во која се очекува автоматизација на работните места, а тука се вклучени и оние на вработените во производството и продажбата на брза храна. Некои синџири за продажба на брза храна веќе експериментираат со киосци каде што може да има самонарачување.

Фото: Business Insider

8. Флорида - „Смарт Асет“ проценува дека 4,6 милиони од околу 8,4 милиони работни места во Флорида се под закана од автоматизацијата.

7. Мисисипи - според истражувањата, Мисисипи има голем број луѓе што работат рачно (меѓу кои и доставувачи и сортирачи во фабрики), а тие занимања се под директна закана од машините.

6. Јужна Каролина - според процените, повеќе од 1,1 милион работни места се под закана од автоматизација во оваа сојузна држава.

5. Монтана - „Смарт Асет“ истакнува дека во Монтана има голем број продавачи и канцелариски работници - занимања кои се соочуваат со 90-отстотен ризик од автоматизација.

Фото: Business Insider

4. Луизијана - според „Смарт Асет“, во Луизијана има 70.510 касиери, а тоа е работна позиција со 97-отстотна шанса за автоматизација во иднина.

3. Вајоминг - 56,4 отсто од работните места во Вајоминг се под ризик од автоматизациија, а меѓу најзагрозените се возачите на камиони и операторите со опрема за градежништво.

Фото: Business Insider

2. Јужна Дакота - „Смарт Асет“ проценува дека повеќе од 58 отсто од работните места во Јужна Дакота се под ризик да бидат автоматизирани, а најзагрозени се позициите во продавниците.

Фото: Business Insider

1. Невада - малопродажбата и коцкањето се меѓу најголемите индустрии во оваа сојузна држава, а „Смарт Асет“ проценува дека речиси три од пет работни места (766.100 од 1.295.000) во Невада се под ризик да бидат автоматизирани.

Фото: Business Insider
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија