X
 09.03.2023 Живот

„Хабитат 67“: Пропаднат сон за зграда во Канада каде што секој станар требало да има своја градина

Една од најнеобичните згради во светот се наоѓа во Монтреал, вториот по големина град во Канада и најголем во провинцијата Квебек, кој се наоѓа на истоимениот остров. Шетајќи покрај брегот, невозможно е да не ја забележите „Хабитат 67“, зграда која изгледа како сцена од некој научнофантастичен филм.

„Хабитат 67“ била дизајнирана од Моше Сафи како негова дипломска работа додека бил студент по архитектура на Универзитетот „Мекгил“. Малку подоцна била изградена оваа зграда за привремено сместување на работници кои доаѓале од целиот свет поради светската изложба „Експо 67“.

Дизајнот на Моше бил своевиден експеримент кој користи архитектура за да го имитира органскиот раст, комбинирајќи ја природата со геометриските обрасци. Таквиот стил е препознаен како метаболизам, кој во текот на 60-тите години во Јапонија се залагал за синтеза на традиционалната јапонска архитектура и технологијата на модерната архитектура, а една од препознатливите градби од таа ера е кулата Накагин на периферијата на Токио.

1

Иако „Хабитат 67“ често се нарекува бруталистичко ремек-дело, Сафди забележува дека зградата била создадена како реакција против бруталистичкото движење во тоа време и претставувала дизајн за луѓето од средната класа, како начин за подобрување на квалитетот на животот во урбана средина. Секоја единица од зградата имала пристап до градината, а повеќето од нив биле изградени на врвот на покривот на соседниот стан. Мотото на Сафди било: „Градини достапни за сите“.

Секоја од 354. идентични монтажни кутии од кои се состои „Хабитат 67“ била направена во фабрика која била отворена специјално за нивна изработка, а за станарите биле предвидени 158 стана. Денес ги има 148 бидејќи некои се споени во поголеми единици.

2

Но, живеењето во „Хабитат“ никогаш не било евтино, без разлика што се наоѓа далеку од центарот, во индустриска зона без погодности како метро, трговски центри или други домови. Со конечна цена од 22 милиона долари, трошоците за изградба го надминале буџетот, а зградата во државна сопственост барала невообичаено високи кирии за да ја надомести загубата.

Првичниот план на Сафди вклучувал изградба на повеќе од 1.000 станови, продавници и училиште, но неговиот сон никогаш не се остварил. „Хабитат“ и понатаму е дом на стотици жители на Монтреал. Доколку имате можност да го посетите, имајте на ум дека треба да имате превоз или да се подготвите за долга прошетка бидејќи до областа нема јавен превоз.

4

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот