X
 25.03.2017 Култура

Неразјаснета мистерија за античката тврдина среде Сибир


Древна градба во Сибир
(Фото: Wikipedia Creative Commons)

Градба стара 1.300 години која наликува на тврдина, а се наоѓа на остров средe езерото Тере-Кол во јужен Сибир, со години ги збунува научниците, пишува Newsweek. Овој антички комплекс претставува најмистериозно археолошко откритие во Русија. На прв поглед изгледа како античка тврдина за заштита од непријателски напади, но постојат и мислења дека можеби станува збор за летна резиденција, манастир, меморијално здание, ритуален центар или пак астрономска опсерваторија.

Наоѓалиштето е познато под името Пор Баин, што во превод значи „глинена куќа“ и се наоѓа на мал остров во езерото во Туви, Сибир, само на 32 километри од границата со Монголија. Се смета дека зданието го подигнале Ујгурите во 8 век, во кинески стил на градба, но нема докази дека тука се живеело во подолг временски период. Се претпоставува дека тврдината била напуштена по кратко време на користење.

Надворешните ѕидови се високи 12 метри, а внатрешните само 1,5. Градбата има правилна четиристрана форма и прецизно дефиниран распоред во внатрешноста, а се простира на површина од 3,3 хектари на надморска височина од 2.300 метри.

Уште од крајот на 19 век, кога започнале првите истражувања, научниците го поврзуваат Пор Баин со ујгурското каганатско царство (744-840 од нашата ера). Царството ја опфаќало територијата на денешна Монголија и jужен Сибир, но локацијата на овој остров сепак се наоѓа далеку од сите населби и трговски патишта. Тука се пронајдени и неколку интересни артефакти, како глинени плочи, отпечатоци од човечки стапала, избледени цртежи во боја, железна кама, сребрени обетки, железни шајки, делови од ќерамиди... Но ниту еден од нив, не дава одговор за вистинската намена на ова здание.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура