- Она по кое за мене најмногу се истакнува Маја Ангелоу не е само тоа што го работеше, пишуваше или зборуваше, туку начинот на кој го живееше својот живот. Чекореше низ светот со непоколеблива смиреност, самодоверба - изјави Опра Винфри по смртта на нејзината менторка Маја Ангелоу.
Животната приказна на американската писателка и активистка е вистински доказ дека со многу храброст и верба во подобро утре, можеме да ги совладаме и најголемите проблеми во животот.
Нејзините родители се развеле кога таа имала само три години. Кога имала 8 години, била сексуално злоупотребувана од новиот партнер на мајка ѝ. Таа му кажала на својот брат, кој потоа му кажал на целото семејство. Очувот бил уапсен поради сексуална злоупотреба, но во затвор поминал само еден ден. Четири дена по излегувањето од затвор бил пронајден мртов. Иако никогаш не било докажано, Маја претпоставувала дека животот му го одзеле нејзините заштитнички настроени вујковци, кои не можеле да се справат со фактот дека бил пуштен на слобода.
По тој настан, Маја нагло онемела.
- Мислев дека го уби мојот глас. Убив човек затоа што му го изговорив неговото име. Тогаш мислев дека повеќе никогаш нема да зборувам бидејќи мојот глас може да убие некој друг - изјавила подоцна.
Пет години ги поминала во тишина, а во тој период од својот живот утеха и спас пронашла во книгите. Откако се преселила кај својата баба, таа се запознала со наставничката Берта Флоуерс, семејна пријателка која ѝ помогнала повторно да зборува. Таа ја вовела во светот на литературата и ја запознала со делата на Чарлс Дикенс, Вилијам Шекспир, Едгар Алан По, Даглас Џонсон и други.
Во текот на Втората светска војна посетувала средно училиште во Сан Франциско, а само три недели по матурата го родила синот Клајд. На 24-годишна возраст го запознала Гркот Тоша Ангелос, за кого се омажила. Овој потег предизвикал негодување кај расистите во нејзината средина, а и нејзината мајка не го одобрувала бракот.
По враќањето во Сан Франциско и разводот од Ангелос таа почнала да се занимава со танцување и пеење и го променила името во Маја Ангелоу. Имала турнеја низ Европа и потоа го снимила својот прв албум „Мис Калипсо“.
Запознавањето со писателот Џон Оливер Киленс во 1959 година го означува почетокот на нејзината писателска кариера. Таа повторно се преселила во Њујорк и се приклучила на Друштвото на писателите на Харлем. Таму се сретнала со голем број афроамерикански активисти што ја вовеле во борбата против апартхејдот.
Во 1969 година ја објавила својата прва автобиографија наречена „Знам зошто пее птицата во кафез“, дело што ѝ донело наклонетост од критичарите и меѓународен успех. Во книгата таа се соочува со сите свои демони од детството и младоста истражувајќи теми како расизмот, силувањето и пронаоѓањето на сопствениот идентитет.
Објавила седум автобиографии, а пишувала и поезија, драми и сценарија за филм и ТВ. Се занимавала и со глума и режија и станала првата Афроамериканка што режирала филм на голема филмска компанија, „Down In The Delta“ во 1998 година.
Делата на оваа голема жена, која почина во 2014 година, на 87 години, се извор на мудрости што ќе ви помогнат многу во животот. Во продолжение прочитајте неколку.
1. Ако не сум добра кон себеси, како можам да очекувам другите да бидат добри кон мене?
2. Не му верувам на никој што не се смее.
3. Обиди се да бидеш виножито во нечиј облак.
4. Љубовта не познава граници. Таа прескокнува препреки и огради, поминува низ ѕидови за да стигне до својата дестинација полна со надеж.
5. Ако во себе имаш само една насмевка, дај им ја на луѓето што ги сакаш. Немој да бидеш намуртен/а дома, а потоа да излезеш на улица и да им се смееш на непознати луѓе.
6. Омразата предизвикува многу проблеми во светот, но сè уште не решила ниту еден.
7. Имај доволно храброст за уште еднаш да веруваш во љубов.
8. Во сите нас живее копнежот за домот, безбедно место каде што можеме да дојдеме онакви какви што сме и во кое никој нема да нè преиспитува.
9. Оној што те гледа како опција никогаш не треба да биде приоритет.
10. Ако нешто не ти се допаѓа,
промени го. Ако не е тоа возможно, тогаш промени го својот став кон него.