X
 09.04.2022 Наша тема

Наташа Сарџоска, писателка: Непознавањето на сопствениот јазик и кукавичкото молчење пред жешки прашања се автосаботажа

Ние уште имаме поети, писатели, драмски автори, новинари, професори кои не само што не пишуваат за јазикот туку не се и нужно целосно писмени, односно не го познаваат доволно македонскиот јазик, вели Сарџоска

Неодамна беше објавено едно Ваше прекрасно интервју со каталонскиот поет Жоан Маргарит во кое го прашувате дали поезијата служи и за опстојување на малите јазици? Што мислите Вие?

- Жоан растел во времето на франкизмот; ми кажа дека токму благодарение на генералот Франко совршено го научил шпанскиот, односно кастилијанскиот јазик на кој и пишувал. Но тој не му бил мајчин јазик, не бил задоволен од своите дела, дома скришум говорел каталонски јазик. Ова прашање ни е блиско и многу жешко: во нашата историја имало многу поети, како дводомните поети, кои освен на македонски, морале да пишуваат и на бугарски или српски, во зависност од тоа во која држава биле затекнати или во која се школувале. Затоа, верувам дека поезијата како ниту една друга книжевна форма го одржува жив јазикот, пред сѐ, затоа што поетската уметност го користи јазикот како експеримент, како надреална или симболична алатка, а потоа и затоа што го создава јазикот со стилски фигури; таа не само што го спасува јазикот од исчезнување туку и му служи, а освен тоа и ја зачувува специфичноста на неговите дијалекти.

И Вие пишувате на еден таков „мал“ јазик, се чувствувате ли ограничени поради тоа?

- Жоан ми рече дека најголемо проклетство за еден поет е да пишува во мала земја и на мал јазик. Прво, сложено е да се излезе од националната рамка, особено во ваква земја обременета со корупција, клиентелизам, фаворитизам, трибализам дури и во културните сфери – и да се стане преведен. Како второ, има редундантна поетска продукција, па оттаму и квантификација и калкулација на творештвото што наместо вредности, често носи и нуди натпревари, наддавање и трговија со услуги и награди. Јас самата се преведувам на шпански, италијански, англиски, српски, француски и португалски јазик и тоа ми овозможи меѓународни публикации и читателска публика во латиноамериканските земји. Преведена сум и на германски, хебрејски, арапски, турски, албански, словачки, бугарски, полски, грчки, хрватски. Среќна сум што ме читаат на сите овие јазици. Во таа смисла воопшто не се чувствувам ограничена, напротив.



Кога сме кај јазикот, македонскиот јазик историски е подложен на негација на својата единственост. Кој е најдобриот начин да се справиме со ова?

- Бесмислено е во еден флуиден свет да говориме за граници и инвазии на граници од каков и да било вид. Не знам колку конечна позиција треба да заземе нашата држава. Веројатно со поддршка и вложување во науката и образованието и една интегративна и инклузивна културна агенда. А како ние да се справиме? Токму преку книжевното творештво би можеле да се докажат и покажат различноста и единственоста на македонскиот јазик. Но, од друга страна, сведоци сме на претерана продукција на книжевни дела, а воедно и на ниска ерудиција и ништовна раскошност на јазикот, кои завршуваат по полици под слоеви прашина. Ние уште имаме поети, писатели, драмски автори, новинари, професори кои не само што не пишуваат за јазикот туку не се и нужно целосно писмени, односно не го познаваат доволно македонскиот јазик. Тоа непознавање на сопствениот јазик и тоа кукавичко молчење пред така жешки прашања секако не е начин на справување со туѓите негации: напротив, тоа е автосаботажа, давање автогол.

Од поезија влеговте во проза и тоа во сериозен потфат - роман. Сега како се доживувате, како поет или како прозен автор?

- Во едно интервју Давид Албахари ми кажа дека не постои писателски идентитет зашто писател си само во моментот кога создаваш. Многу писатели нагласуваат дека се писатели, но тоа не е прашање на идентитет, а уште помалку на професија. Не верувам во идентитетски концепти врежани во мермер, ниту во корени, зашто ние не сме ни дрва ни камења. Кога одам во Франција, се чувствувам Французинка, на час по танго сум танго-балерина, на јога станувам нешто друго, низ поетски стихови сум поетеса, професорка на предавањата итн. Сето тоа е флуидно, ништо не се исклучува едно со друго. Инаку, ова не ми е прво прозно дело, имам напишано раскази и есеи, но не кријам дека кога го пишував романот „Трамонтана“, ме водеше внатрешниот поетски глас. Поезијата и прозата за мене се моќна алатка како да преживеам во отуѓеноста на овој суров свет.

Романот „Трамонтана“ сѐ уште е некако актуелен, се надевавте ли на ваков одѕив?


- Мојата професорка по филозофија Јулијана Јолевска кога ја прочита мојата матурска за Ниче, ме замоли никогаш да не престанам да пишувам. Си го наметнав тој завет. Често добивам пораки од читатели кои биле трогнати, длабоко понесени, дури и доведени до состојба на плачење откако го прочитале романот. За таквиот одѕив на романот, огромна заслуга има мојот издавач „Три“ затоа што веруваше во мене од почетокот и зашто безрезервно му се посветува. Благодарение на издавачот, романот живее во животот на многу читатели. За мене тоа е најголемо признание: сознанието дека сум допрела до еден живот што не го познавам, до еден свет каде што не сум ни помислила дека можам да одам.

Преведувате од италијански, француски, шпански, англиски, каталонски и португалски... Во една пригода ми кажавте дека оваа работа црпи многу енергија, но дали Ве полни со креативен набој?

- Литературниот превод е одговорна професија, затоа е исцрпувачка, зашто истовремено вие пренесувате значења, но и создавате нови значења. Не преведувате записник од МВР, туку цел еден живот, често живот од рани и порази. Напорно е да живеете со авторот, да бидете вториот автор, другиот јазик на авторот. Но креативноста ме обзема кога како поет или писател внесувам свој личен авторски белег во преводот. Среќна сум кога некој читател ќе ме препознае како преведувач читајќи мои преводи.

Поетеса, писателка, литературна преведувачка, полиглот толкувач, антрополог... Што најмногу од сево ова?

- Мојот ментор на постдипломските и докторските студии, проф. Дидие Жирар, кога почнав академски да пишувам, ми рече: „Наташа, вие имате несомнен талент за креативно пишување, ама немате метод, немате структура“ (се смее). Сѐ уште, кога ги гледам сите овие мои лица што ги набројавте во огледало, во нив најмногу се огледува поетесата: таа и ги крепи и ги кроти.



Знаете остро да реагирате на некои актуелни ситуации, видно револтирани бевте од оние, како што велите, „лежерните на кауч дома што воспеваат диктатори“. Како се чувствувате во вакви тензични времиња?

- Ме разочарува поларизираниот ум на современиот човек, ограничената перцепција, краткото метро, потребата да се класираат луѓето во кластери зашто поинаку не се поимаат, не се разбираат. Убедена сум дека слабиот човек неретко се поистоветува, односно припојува кон посилниот од него до таа мера што може да стане дури и побрутален од него. Тоа е своевиден стокхолмски синдром: ја проектираме својата немоќ во туѓата моќ. Но така добивале зародиш и големите диктатури низ историјата; денес на социјалните мрежи читаме разни апологии за воени инвазии, за деспоти, за диктатури: што повеќе има да се коментира тука? Ние веќе не живееме во време на поствистина, туку во време на постсмисла, можеби и некаква постапокалипса. Се чувствувам немоќна и поразена, но длабоко во себе барем знам дека сум од оваа, а не од другата страна на доброто и злото.

Многу патувавте и престојувавте на подолго во Италија, Португалија, Шпанија, Франција, Германија, но некако периодов како да се укотвивте тука. Зошто?


- За време на двегодишната пандемија дојдов до сознание дека имам патувачко прегорување. Не можам да се мобилизирам. Патувањата ме заморуваат. Светот ми е секаде ист. Еднаш, кога бев во Салцбург, за миг помислив дека сум во Љубљана или Будимпешта или Загреб, а истото ми се случува и кога сум во Барселона или Мадрид или Малага. Глобализацијата донесе метафизичка празнина насекаде. Сите тие аеродроми, пасошки контроли, хотели почнаа да ми го одземаат мирот. Тука најдов некаков свој микросвет. Можеби е тоа своевиден солипсизам.

Многу често зборувате за слободата, се чувствувате ли слободни?

- На луѓето им пречи слободата, им пречи и мојата слобода зашто е опит што не го познаваат.
Сите сакаат да говорат за слобода, да пишуваат за слобода, како да е тоа папка извадена од фиока, препишана рецептура, скициран шаблон, а во суштина ретко кој се осмелува да биде слободен, онтолошки слободен, затоа што слободата е неизвесна и неповратна состојба: не знаете каде ќе ве однесе и одведе, не знаете што од вас ќе створи, кое ваше лице ќе го изведе и изнесе на површина. Кога се крие, човекот е најбезбеден. Но криењето нема никаква витална смисла зашто слободниот човек се изложува, се изнесува надвор од себеси, се фрла во празнината. Јас се чувствувам секако слободна и никој и ништо не може да ми го скрати или попречи тоа чувство иако знам дека малограѓанскиот ум посакува да ја казни таквата слобода, зашто слободниот човек не должи ништо никому.
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема