X
 09.04.2020 Живот

Погледнете како изгледаа кинеските пазари за месо и животни пред појавата на коронавирусот

Новиот коронавирус и САРС од 2003 година имаат две заеднички нешта: двата се од фамилијата на коронавируси и најверојатно почнале да се шират од пазарите за животни, кои се нарекуваат и мокри пазари.

На таквите пазари тезгите се збиени и помеѓу има тесни патчиња каде што мештаните и посетителите можат да купат парче месо и готови производи. Тезга на која се продаваат кокошки во кафези може да се граничи со пулт на касап, каде што месото се сече додека гладните кучиња во близина гледаат што се случува. Некои продавачи продаваат зајаци додека на тезгите со морска храна може да се видат риби и морски ракчиња.

Ху Сјингдоу, независен политички економист, вели дека љубовта на Кинезите кон храната има длабоки културни, економски и политички корени.

- Додека Западот ги цени слободата и другите човекови права, Кинезите на храната гледаат како на нивна примарна потреба бидејќи гладувањето е голема закана и незаборавен дел од националната меморија - вели тој.

Културната револуција, која траела од 1966 до 1976 година, период на политички и социјален хаос, предизвикала смрт на два милиона луѓе и прегладнување на милиони Кинези. Потоа следувал големиот кинески глад, во периодот меѓу 1959 и 1961 година, кога се проценува дека починале десетици милиони луѓе.

Во големите кинески градови може да има и неколку стотици таканаречени „мокри пазари“. На ваквите пазари се спојуваат луѓето и живи и мртви животни - кучиња, кокошки, свињи, змии, цибетки и што уште не - и има многу близок контакт меѓу нив. Затоа е многу лесно зоонозите да преминат од животни кај луѓето.

Во случајот со САРС и новиот коронавирус, се претпоставува дека изворот се лилјаците, кои најверојатно заразиле други животни, кои, пак, им ја пренеле болеста на луѓето.

Коронавирусот уби илјадници луѓе низ светот, а стотици илјади се заразени.

Пазарот од каде што се претпоставува дека почнало ширењето на коронавирусот привремено беше затворен, на први јануари, а властите во Вухан забранија трговија на живи животни на пазарите и Кина во февруари најави привремена национална забрана за купување, продавање и транспортирање на диви животни на пазарите, во рестораните и онлајн во целата земја. Фармите на кои се одгледуваат диви животни, кои потоа се носат на пазарите, исто така беа ставени под карантин и затворени. Деновиве светските медиуми почнаа да јавуваат за повторно отворање на пазарите во Кина.

Во продолжение можете да ја погледнете галеријата на фотографии од „мокрите“ пазари во Кина пред воведувањето на рестрикциите.

Ве предупредуваме дека фотографиите не се за оние што премногу ги сакаат животните, а истовремено ги поттикнуваме оние што веруваат во разните теории на заговор да размислат дали овие места не изгледаат како извори на зарази.

Извори: Business Insider, Mirror
Насловна фотографија: Business Insider

ГАЛЕРИЈА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот