X
 21.01.2020 Живот

Четврти смртен случај од коронавирусот во Кина

Четврто лице почина од новиот тип коронавирус во Кина, соопштија локалните власти утрово.

Во Вухан, каде што беше регистриран и првиот случај, почина 89-годишник. Инфицирани се повеќе од 200 луѓе.

Здравствените власти во Кина вчера соопштија дека епидемијата се шири од човек на човек, што ја зголемува можноста инфекцијата да се шири побрзо и на поголемо подрачје.

Во меѓувреме, еден маж што се вратил од Кина во Австралија е ставен во карантин откако се пожалил на симптоми на коронавирусот. Мажот неодамна се вратил од Вухан. Испитувањето треба да покаже дали тој се инфицирал од коронавирусот.

Кинеската национална здравствена комисија вчера потврди дека коронавирусот може да се пренесува од човек на човек.

Случаи на болеста поврзани со новиот коронавирус веќе се регистрирани и надвор од Кина – два на Тајланд и еден во Јапонија. Сите заболени се по потекло од Вухан или неодамна го посетиле градот.

И Јужна Кореја соопшти дека е регистриран првиот случај на болеста во земјата. Тој е откриен кај Кинеска што пристигнала од Вухан.

Светска здравствена организација (СЗО) предупреди на можноста од ширење на епидемија со оглед на тоа што голем број Кинези најавија патувања во земјата и во странство поради Кинеска Нова година. СЗО за утре свика вонреден состанок за да процени дали треба да прогласи меѓународна вонредна состојба поради појавата на новиот вирус во Кина.

Коронавирусот припаѓа на истата група како САРС (тежок акутен респираторен синдром) и МЕРС (блискоисточен респираторен синдром). Новиот вирус спаѓа во истиот тип коронавируси што предизвикуваат тежок акутен респираторен синдром како САРС.

Во епидемијата на САРС во 2002 и 2003 година починаа речиси 800 луѓе.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот