X
 13.02.2020 Наука

Има нешто специјално во имунитетот на лилјаците што ги прави идеални вирусни инкубатори

Ебола, САРС, беснило, МЕРС, а најверојатно и новиот коронавирус Корвид-19. Има едно животно што невино и не сакајќи му ги подарува сите овие вирусни зла на човештвото - лилјакот.

Зошто? Според ново истражување, тоа е така затоа што лилјаците се најдобар инкубатор, домаќини на жестоко ефикасен и робустен имунолошки систем кој изгледа дека тренира вирусни видови, охрабрувајќи ги да се адаптираат и да еволуираат за да станат што е можно позаразни.

Ова е несреќен несакан ефект на она што инаку е одличен механизам за преживување. Не е несреќен за лилјаците, но со сигурност е за другите видови затоа што кога вирусите успеваат да преминат од лилјаците на други видови животни, меѓу кои и луѓето, имунолошките одговори на примателите не се „опремени“ да се спротивстават на овие приспособени, ефикасни и високопреносливи патогени.

- Најважно е што лилјаците се потенцијално специјални кога станува збор за удомување на вирусите. Не е случајно што многу од овие вируси доаѓаат од лилјаци - истакна екологот Мајк Бутс од Универзитетот во Беркли.

Во нова студија Бутс и неговите колеги ја испитувале инфективноста на клеточните линии на лилјаците, вклучувајќи ги и културите од видовите лилјаци: Rousettus aegyptiacus и Pteropus alecto.

Клетки наречени Vero клетки од видот зелен мајмун исто така биле користени како контрола, но тие биле во неповолна положба.

Тоа е така затоа што еден од молекуларните механизми во имунолошките системи на лилјаците е брзото производство на молекулот наречен интерферон-алфа, кој се поттикнува како одговор на вирусите. Кога протеините на интерферонот се лачат од клетките заразени со вирус, клетките во близина преминуваат во одбранбена, антивирусна состојба.

Клеточните линии на мајмунот не поседуваат такви карактеристики. Во експериментите, кога клеточните култури биле изложени на вируси што ги имитираат еболата и вирусот Марбург, клетките на мајмунот брзо биле совладани. Од друга страна, клетките на лилјакот се спротивставиле на вирусната агресија благодарение на нивната брза интерферонска сигнализација.

Сепак, парадоксот е што изгледа дека интерферонот на крајот им е од корист на вирусите, дури и додека ѝ пречи на нивната способност да убиваат клетки. Додека системот за сигнализирање го спречува умирањето на клетките, инфекцијата останува и вирусот почнува да се адаптира на одбранбениот режим, барем според компјутерските симулации на тимот.

- Ова сугерира дека имањето навистина силен систем на интерферон би им помогнало на овие вируси да опстојат кај домаќинот. Кога имате поголем имунолошки одговор, ги добивате овие клетки што се заштитени од инфекција, па вирусот всушност може да ја зголеми стапката на реплицирање без да предизвика штета за домаќинот. Но, кога ќе премине на луѓето, ние немаме ист таков антивирусен механизам и би можеле да искусиме многу патологија - вели биологот и прв автор на студијата, Кара Брук.

Важно е да се забележи дека луѓето имаат интерферон-алфа, но изгледа на лилјаците им е многу полесно со вирусите отколку нам. Дури и кога лилјаците се заразени со патогени кои може да ги убијат луѓето, тие не демонстрираат очигледни симптоми на болест, туку ги носат вирусите како долготрајни инфекции. Таа истрајност, според истражувачите, изгледа дека е охрабрена од интерферонот.

Потребни се уште истражувања за да се испита зошто системите на интерферон кај лилјаците изгледа се посилни и побрзи од нашите.

- Навистина е важно да се разбере траекторијата на инфекцијата за да може да се предвидат појавата, ширењето и пренесувањето - истакнува Брук.

Резултатите од студијата се објавени во „еЛајф“.

Извор: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука