На дното на светските океани се насобрани меѓу 3 и 11 милиони тони пластичен отпад, стои во студија објавена месецов од страна на австралиски и канадски истражувачи.
- Со подводни возила на далечинско управување е овозможено приближно квантифицирање на пластичниот отпад кој завршува на морското дно и одредување на местата на кои се насобира пред да се распадне на помали делови и да се помеша со седиментот. Знаеме дека милиони тони пластичен отпад влегуваат во нашите океани секоја година, но она што не го знаевме е колку од тој отпад завршува на океанското дно - истакна Денис Хардести, една од авторките на извештајот.
Со оглед на тоа што претходно се објавувани процени на количината на микропластика, студијата „Пластиката во длабоките мориња - Глобална процена на акумулацијата на дното на океаните“ е насочена кон поголемите предмети како мрежи, чаши или пластични кеси.
Со оглед на тоа што се очекува дуплирање на користењето пластика до 2040 година, за да се заштити морскиот екосистем и животинскиот свет клучно е да се разбере како и каде се преместува отпадот во океаните, велат научниците.
- Загадувањето на морското дно со пластика би можело да биде 100 пати поголемо од количината на пластиката што плови на површината - вели Алис Жу, докторанд на Универзитетот во Торонто, која го предводела истражувањето.
Дното на океанот стана долгорочна депонија за поголемиот дел од пластичниот отпад.
- Тоа е дополнително влошено од крајно бавните стапки на разградување на пластиката во студените делови во кои недостига кислород и ултравиолетово зрачење - стои во истражувањето.
Според резултатите, околу половина (46%) од проценетата пластична маса се наоѓа на длабочина поголема од 200 метри, а остатокот се протега сѐ до 11.000 метри.
Извор:
index.hr
Фото: Pixabay