X
 11.11.2022 Економија

Колку политичари отидоа на климатската конференција со приватни авиони?

Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации КОП27 се одржува од 6 до 18 ноември во Шарм ел-Шеик, Египет. Денот пред почетокот на конференцијата стотици активисти стопирале приватни авиони да полетаат од аеродром во Амстердам седејќи на нивните крила или возејќи велосипеди во близина на пистата.

Според податоци од „Флајт радар 24“, 36 приватни авиони слетале во Шарм ел-Шеик помеѓу 4 и 6 ноември. Дополнителни 64 слетале во Каиро, од кои 24 пристигнале од Шарм ел-Шеик. Од нив, девет биле од Обединетото Кралство, а имало и од Италија, Франција и Холандија. Имало два авиона од САД.

Од „Флајт радар 24“ изјавиле дека имало повеќе планирани летови со приватни авиони, но не можеле да се следат сите, пренесува Би-би-си. Бројот на приватни авиони што носеле учесници на конференцијата е помал од претходната конференција во Глазгов. Една од причините е затоа што на оваа конференција присуствуваат помалку светски лидери.

Авионските летови произведуваат штетни гасови, а тие го зголемуваат глобалното затоплување. Авионските летови загадуваат многу повеќе од кој било друг начин на превоз. Генерално, приватните авиони загадуваат повеќе од комерцијалните авиони со повеќе патници, иако загадувањето зависи од повеќе фактори.

Најчестиот модел на приватен авион кој се користел за пристигнување на конференцијата во Египет е „гулфстрим Г650“, кој троши 1.893 литри гориво на еден час. За еден лет од Амстердам до Шарм ел-Шеик со ваков авион се трошат околу 9.465 литри гориво, пресметале од Би-би-си. Според пресметката, овој лет би произвел 45,3 тони јаглероден диоксид.

Доколку во авионот има 15 патници, колку што е максималниот капацитет, тоа значи дека секој патник е одговорен за околу 3 тони јаглерод диоксид само од еден лет. Бројките не ги вклучуваат емисиите на јаглерод диоксид за време на производството на приватните авиони.

Доколку се користел комерцијален авион, секој патник би бил одговорен за околу половина тон јаглерод диоксид.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија