X
 23.11.2020 Наша тема

Како загадениот воздух и стресот влијаат врз исходот од Ковид-19. Интервју со д-р Злате Мехмедовиќ

Кај луѓето кај кои оштетувањето на крвните садови е настанато како резултат на аерозагадувањето, при инфекција со коронавирусот постои зголемен ризик за развој на потешка форма на болест и многу помала е веројатноста дека ќе ја прележат болеста асимптоматски, вели д-р Мехмедовиќ

Д-р Злате Мехмедовиќ е лекар на Клиниката за пулмологија и активно е вклучен во работата на ковид-центрите. Со него разговаравме за тоа дали аерозагадувањето влијае врз ширењето на коронавирусот, врз тоа како ќе се развива или лекува болеста, како влијае стресот, за имунитетот, помошта од домашните прочистувачи на воздухот...

- Аерозагадувањето е проблем со кој светот се соочува со децении наназад и за чие решение подолго време се градат локални, национални и глобални стратегии. Пред триесетина години во Европа смртноста за која директен причинител беше аерозагадувањето изнесуваше милион жители на годишно ниво. Денес тој број е преполовен, но сè уште треба уште многу да работиме на полето на унапредувањето на амбиентниот воздух. Нема релевантни докази дека аерозагадувањето влијае врз трансмисијата на коронавирусот, но заболувањата кои поради континуираната долгогодишна изложеност на загаден воздух се појавиле во организмот може да бидат дополнителен ризик-фактор за тешки компликации и смртен исход од Ковид-19.

Влијае ли загадувањето врз закрепнувањето од болеста и како? Има ли влијание врз тоа дали асимптоматските случаи ќе развијат симптоми?

- Загадувањето предизвикува сериозни промени во организмот. Малите честички, особено ПМ2,5 навлегуваат во белите дробови, а потоа во крвта и крвните садови и предизвикуваат воспаление и нарушување на хемиските процеси. Ова предизвикува оштетување на внатрешната обвивка на артериите (ендотелот) и доведува до стеснување и стврднување на артериите. Коронавирусот, исто така, навлегува во организмот преку белите дробови, предизвикувајќи слично оштетување на крвните садови, поради што сега се смета дека Ковид-19 е болест која ги зафаќа крвните садови. Кај луѓето кај кои оштетувањето на крвните садови е настанато како резултат на аерозагадувањето, при инфекција со коронавирусот постои зголемен ризик за развој на потешка форма на болест и многу помала е веројатноста дека тие ќе ја прележат болеста асимптоматски.



Како тоа влијае врз смртноста кај заболените?

- Ако последиците од долгорочна изложеност на загадување на воздухот и инфекцијата со коронавирусот „се сретнат“ во еден организам, тогаш имаме зголемен негативен ефект врз здравјето, особено во однос на срцето и крвните садови. Таквиот организам е ранлив и има помала отпорност кон Ковид-19. Луѓето што имаат кардиоваскуларни заболувања имаат поголем ризик за смртност предизвикана од срцев удар, срцева слабост и мозочен удар кога ќе заболат од Ковид-19. Важно е да знаеме дека со носењето ФФП2 маска (или попозната како Н95) ги филтрираме PM2,5 честичките, а воедно се штитиме и од коронавирусот.

Дали помага прочистувањето на воздухот во домашните простории?

- Користењето прочистувачи на воздухот за домашни простории е една од мерките што се препорачуваат кога загадувањето на амбиентниот воздух е зголемено над дозволените граници.

Дали подигнувањето на имунитетот може да им помогне на луѓето доколку заболат од Ковид-19 полесно да ја победат болеста?

- Неколку витамини се неопходни за правилно функционирање на имунолошкиот систем. Добро избалансираната и разновидна храна е неопходна за да се минимизираат недостатоците на витамини. Витаминот Д е корисен кај луѓе што имаат недостиг на овој витамин, а витаминот Ц е моќен антиоксиданс и има способност да ги модулира имунолошките функции на домаќинот. Слично на витамините, неколку елементи во траги се неопходни за правилна имунолошка функција. Нарушената хомеостаза на цинк влијае врз имуните клетки. Слично на тоа, селенот има комплексен имунолошки механизам, но главно преку неговото вградување во селенопротеините. Иако точниот механизам на влијание на разни суплементи (витамини и минерали) не е добро дефиниран, стручната јавност смета дека со нивната употреба може да ги спречиме тешките форми на болеста и смртниот исход.

Колку стресот влијае врз исходот од болеста?

- Стресот сега во пандемијата на коронавирусот може да е резултат на стравот за сопственото здравје и здравјето на вашите најблиски, но и резултат на финансиска состојба или губење на работата како последица на економската криза во која се наоѓа целиот свет. Стресот може да доведе до промени во начинот на спиење или исхраната, тешкотии при спиење или концентрација и влошување на менталното здравје. Особено треба да се внимава на стресот поради можноста да предизвика влошување на хронични здравствени состојби. Стресот може да е причина и за зголемена употреба на тутун или алкохол. Во таквите случаи, стресот може сериозно да влијае врз негативниот исход од болеста Ковид-19.



Што би можеле да направиме за да го намалиме стресот?

- Справувањето со стресот е нешто што и самите можеме да го направиме, а тоа ќе го постигнеме ако го тргнеме фокусот од проблемот. Затоа вежбајте, пишувајте, цртајте, хранете се здраво, помогнете им на оние што имаат потреба од вашата помош, направете нешто што досега не сте можеле или не сте имале време да го направите. Запомнете, стресот ни помага да преживееме, но справувањето со стресот ни помага да живееме.

Едно истражување покажа дека мерките што на почетокот беа преземени во цел свет за намалување на ширење на вирусот Сарс-Ков-2 го намалиле загадувањето на целата планета. Тогаш во повеќето земји и бројот на заболени се намали, што не беше случај кај нас. Што мислите, зошто?

- Хроничната долготрајна изложеност на аерозагадувањето предизвикува промени во здравствената состојба кои се предиспонирачки фактор за развој на тешки облици на болеста или смртен исход. Луѓето што имаат такви хронични нарушувања имаат и зголемен ризик од тешка форма на болеста Ковид-19 и во летните месеци. Причината поради која бројот на заболени беше намален во летниот период во повеќето земји не треба да ја бараме само во еден фактор - аерозагадувањето. Повеќето земји имаа различен пристап во начинот на превенција на ширење на болеста во периодот на летните месеци. Дополнително, економските, социјалните и културолошките карактеристики на секоја земја се есенцијални за дизајнирањето на превентивните мерки кои извршната власт ќе ги спроведе со цел да ја намали трансмисијата на коронавирусот. Причината за различниот начин на ширење на вирусот во летните месеци во нашата земја треба да е предмет на сериозна анализа во која ќе бидат опфатени сите контрибутивни фактори, а не само аерозагадувањето. 

Фото: Злате Мехмедовиќ
Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема