Шведската компанија за мебел ИКЕА објави дека ќе ја прекине продажбата на пластични производи за еднократна употреба до 2020 година.
Продажбата ќе биде суспендирана во сите продавници на ИКЕА низ светот, а од шведската компанија додаваат дека во иднина ќе создаваат производи што ќе можат да се обноват, препродаваат и рециклираат.
Потегот на шведската компанија доаѓа по најавата на Европската Унија дека ќе ги забрани пластичните производи, како што се кесите, сламките, стапчињата за уши и пластичните лажички.
Фото: Reuters
Компанијата, која има повеќе од 363 продавници низ светот, вели дека сака да им помогне на своите клиенти да живеат поодржливо, нудејќи производи што ќе можат да заштедат повеќе од 90 отсто од користената вода. Исто така, компанијата ќе нуди соларни панели на 29 пазари, од 5 во моментов, а до 2025 година ќе даде поголема понуда на вегетаријанска храна во своите ресторани.
- Преку нашата големина и дофат имаме можност да ги инспирираме и да им овозможиме на повеќе од една милијарда луѓе да живеат подобро - изјави Торбјорн Леоф, главен извршен директор на компанијата „Интер“, фирма-мајка на компанијата ИКЕА.
- Промената ќе биде можна само ако соработуваме еден со друг и го негуваме претприемаштвото. Посветени сме да го преземеме водството заедно со сите - од добавувачи на суровини до нашите клиенти и партнери - додаде тој.
Компанијата веќе инвестираше во ветерни фарми и нуди сончеви панели во своите продавници како дел од планот да се потпрат на обновливи извори на електрична енергија и топлина во своите продавници до 2020 година.