За секој што сонува да ја напушти работата и да живее во рајот, нема попримамлива идеја од тоа да поседува свој приватен остров, па и цел архипелаг. Впрочем, секој угледен и нормален богаташ денес има свој остров.
Сега имате шанса за тоа бидејќи од Бали доаѓа веста дека целиот архипелаг се продава во еден од најнедопрените делови на светот, а условот за учество на аукцијата што ќе се одржи во Њујорк е да бидете еколошки освестени!
Резерватот „Види“, морски заштитен архипелаг од 780.000 хектари, ќе се најде на аукција следниот месец и бара нов еколошки сопственик. Понудата се состои од повеќе од 100 ненаселени острови со 25.000 хектари густа прашума, сини лагуни и фасцинантни бели плажи. Овој островски синџир е еден од најнепроменетите екосистеми на корални гребени оставени во светот и дом на 600 документирани видови морски цицачи, птици и други видови што допрва треба да се откријат.
Идните сопственици ќе имаат можност да изградат 50 луксузни одморалишта распоредени на дури 17 острови. Ексклузивниот договор има цел да привлече еколошки свесни инвеститори и претставува ретка можност против обично строгите индонезиски закони. Инаку, Владата не дозволува приватна сопственост на островите, но може да се продаваат акции на земјиште доколку се работи за голем „развоен“ проект.
Аукцијата почнува на 8 декември во Њујорк
- Секој милијардер може да поседува приватен остров, но само неколку можат да го поседуваат овој архипелаг со неверојатна убавина, кој опфаќа повеќе од 100 острови. Даваме одлична можност за секој остроумен купувач во светот да учествува во зачувувањето и развојот на една од најчистите области на земјата - изјави Чарли Смит, извршен потпретседател на аукциите на „Сотебај консиерж“.
Ако сте подготвени да поседувате парче рај во Индискиот Океан, аукцијата почнува на 8 декември и ќе трае до 14 декември во Њујорк. Меѓународните купувачи што не можат лично да присуствуваат на настанот ќе имаат можност да ги поднесат своите понуди
ТУКА. Но, ќе ви биде потребен депозит од 100.000 долари само за да добиете шанса!
Фото: Unsplash