X
 09.07.2018 Технологија

Што „Гугл“ досега направил за да нѐ заштити од опасноста на интернетот?

Компанијата „Гугл“ е позната по многу работи, но приватноста и безбедноста обично не се на врвот на листата. Покрај „Фејсбук“, често критикуван поради користење на корисничките податоци е и „Гугл“. На пример, оваа недела низ медиумите можеше да се прочита за тоа како „Гугл“ им дозволува на трети страни да скенираат, па дури и да читаат пораки од корисниците на „Џимејл“. Но од „Гугл“ велат дека ваквата привилегија ја имаат само одбрани и добро проверени компании.

Иако поради тоа се чини дека не треба да ѝ веруваме на оваа компанија, сепак од своето основање таа вложила многу труд да нѐ заштити од разни малициозни програми и личности. Ова се неколкуте најважни работи.

гугл
Фото: Profimedia


1. Мотивација низ игра и натпревари


Натпреварувањата за откривање „багови“ се вообичаени во технолошкиот свет. Софтверските компании ги поттикнуваат програмерите, хакерите и другите безбедносни експерти да откриваат ранливи точки во нивните производи. Така, на пример, во играта „Фати го знамето“ учествуваат доста добри експерти, но и оние со помалку искуство што сакаат да пронајдат нов работодавец или едноставно да укажат на пропустот.

Натпреварите во оваа игра се разликуваат од обичните програми за пронаоѓање „багови“. Се темелат на предизвиците околу познатите и секојдневните проблеми, а бодовите ги земаат побрзите и поагилните. Организаторите можат да постават предизвици околу која било тема, но најмногу фокус се става на експлоатацијата и безбедносните напади како оние во реалниот свет.

„Гугл“ беше домаќин на првиот натпревар во април 2016 година, а оттогаш стана годишно случување.

2. Безбедно прегледување на интернет

Во мај 2007 година, година дена пред „Гугл“ да го лансира „Хром“, овој пребарувач беше најбезбедниот меѓу конкуренцијата. Навреме препознавал дека злонамерниот софтвер се шири преку преземање од загрозени веб-места. „Гугл“ не можел да ги поправи сите слаби точки во пребарувачот, па одлучил да ги предупреди корисниците на потенцијално загрозени веб-страници веднаш во резултатите од пребарувањето.

Сега оваа практика ја применуваат и „Сафари“ и „Мозила Фајрфокс“, а започнаа и социјални мрежи како „Снапчет“.


3. HTTPS секогаш и секаде

Вашата врска со веб-страницата не е сигурна; барем не страницата која уште користи стар HTTP протокол наместо новиот и посигурен HTTPS. Тоа значи дека сите податоци испратени од вашиот уред на серверот и обратно можат да се пресретнат. Веб-локациите што обработуваат чувствителни податоци, како што се провајдерите на е-пошта и онлајн-банкарството, веќе долги години користат HTTPS енкрипција за да ја обезбедат размената на податоци.

„Гугл“ одлучи дека „Хром“ може да направи многу повеќе за да ве предупреди кога врската не е шифрирана. Ова предупредување може да е доста корисно ако сте на небезбедна страница која бара повеќе лични податоци. Иконата на катанец, заклучен и со зелена боја, веднаш до URL-от е визуелна помош што дава до знаење кои локации се безбедни.

„Хром“ е најпопуларниот веб-пребарувач на светот. Одлуките и функциите имплементирани во „Хром“ имаат значително влијание врз целиот интернет. Така што, кога „Гугл“ одлучи дека HTTPS е безбеден, многу страници започнаа да се преместуваат.

4. „Гугл Плеј протект“

За да го запре протокот на малициозни апликации на „Андроид“, „Гугл“ на конференцијата за развојни програмери I/O 2017 го претстави „Гугл Плеј протект“. Со оглед на тоа што „Андроид“ претходно имаше повеќе алатки за заштита, голем дел од нив не комуницирале едни со други, давале нејасни совети и барале пари од корисникот. Оваа единствена заштита обединува голем дел од тие функции и штити повеќе од два милијарди уреди и скенира 50 милијарди апликации секој ден.

„Плеj Протект“ користи машинско учење за да помогне во препознавање на потенцијално штетните апликации. Системот учи да ги препознае обрасците на однесување кои вклучуваат апликации што се обидуваат да комуницираат со другите апликации во уредот, пристап или споделување на лични податоци, преземање податоци без знаење на корисникот, крадење на идентитетот или избегнување на вградените безбедносни карактеристики.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија