X
 22.03.2018 Технологија

Дали вештачката интелигенција е способна да носи етички одлуки?

Сообраќајната несреќа што во понеделникот се случила во градот Темпи, Аризона, е првиот познат случај во кој автономен автомобил усмртил човек. Жената настрадала преминувајќи ја улицата, кога на неа налетал џипот „волво ХЦ90“, тест-автомобил на компанијата „Убер“.

Ова е најнов во низата случаи што даваат основа да се постави прашањето дали машините без контрола и надзор од човекот може целосно автономно да ги извршуваат зададените операции. Секако, колку машините стануваат посовршени, толку можноста за грешки и излегување од контрола се намалува, но сепак се чини дека сè во врска со вештачката интелигенција останува едно големо отворено прашање.

Прашањето било поставено и во јуни 2016 година кога електричниот автомобил „тесла модел С“, со кој управувал автопилот, усмртил човек кој се возел во него. Автомобилот, на еден автопат во Флорида, удрил во приколка на трактор што го преминувал патот.

Првиот познат случај во кој машина убила човек се случил на 25 јануари 1979 година, кога роботската рака, на производната линија на фабриката на „Форд“ во Флет Рок, Мичиген, го усмртила работникот Роберт Вилијамс. Самата несреќа била прилично фатална.

Јапонецот Кенџи Урада често се наведува како човек кој бил прва жртва на роботската технологија. Урада бил инженер за одржување во фабриката на компанијата „Кавасаки“. Тој починал на 4 јули 1981 година, додека ја извршувал својата работа. Веста за неговата смрт и деталите од несреќата не биле објавени сè до декември истата година, додека не била извршена истрага за условите и стандардите на работата во фабриката.

Симптоматично е тоа што повеќето вакви несреќи се поврзани со автомобилската индустрија и автомобилите. Тоа го потврдува и случајот од фабриката на германскиот „Фолксваген“ во Баунталу, кој се случил во јули 2015 година. Машината за монтажа на моторите го удрила 22-годишниот работник со метална плоча. Од силниот удар човекот се здобил со тешки повреди на градниот кош, па починал.

Во обид да се изборат со вакви трагични резултати, група на научници од Технолошкиот институт од Масачусетс, предводена од научникот Ијада Рахван, развила онлајн-платформа наречена „Морална машина“. Станува збор за систем кој собира информации за одлуките што ги носат луѓето кога се во ситуација да одлучуваат помеѓу два деструктивни резултати. Платформата ги генерира нивните морални дилеми. Така собраните информации ќе бидат искористени за понатамошни истражувања за одлуките што интелигентните машини мора да ги донесат во иднина.

Тоа најмногу се однесува на системи засновани на вештачка интелигенција, како што е технологијата на автономни возила, каде што „Моралната машина“ би можела да биде од клучна важност при донесувањето одлуки, тогаш кога автономните возила ќе се најдат во ситуации на „живот или смрт“.

Лучано Флориди, професор по филозофија и етика на информациите на Универзитетот „Оксфорд“, верува дека етиката и тоа како игра улога кога станува збор за автономни возила.

„Кога произведувачите на автомобили почнале да рекламираат како нивните возила се побезбедни поради воведување безбедносни појаси, не зборувале експлицитно дека во нивниот автомобил сте безбедни тогаш кога и сами се наоѓате во несреќа. Така ќе биде и со автономните автомобили“, вели тој.

Флориди верува дека и покрај сите истражувања, развојот и напредокот на технологијата и напорите на произведувачите автомобилите без возачи да се најдат на патиштата, компјутерите суштински не се способни да донесуваат комплексни морални одлуки какви што бара возењето автомобил.

„Етиката е деликатна и суптилна и остава премногу отворени опции со кои еден автомобил без возач не може да излезе накрај“, објаснува Флориди.

„Ако ми треба автомобил со кој можам да одам од Лондон во внатрешноста на земјата, или од Оксфорд назад во Рим, што е пат долг над 3.000 километри, кога може да се случи сè и сешто, многу е тешко да се замисли дека целосно неконтролирано возило би можело сосема успешно да го изведе тоа, а никој цел пат да не го допре воланот“, вели тој.

Професорот Флориди смета дека е невозможно да се создаде алгоритам кој би можел целосно да се однесува со човечката етика, поради тоа што постои неограничен број на можни ситуации што можат да се случат во текот на возењето.

„На пример, автомобилот можете да го научите да застане секојпат кога пред него ќе се најде мачка. Но ако зад вас оди камион, кој се движи со брзина поголема од 120 километри на час, а во автомобилот се наоѓа целото ваше семејство, во тој момент повеќе би го ризикувале животот на една мачка отколку животот на вашето семејство. А вакви примери и ситуации, кои почнуваат со ’што ако‘ и ’само ако‘, има неограничено многу“, заклучува професорот Флориди и истакнува дека во сообраќајните несреќи се случуваат ситуации за кои е апсолутно невозможно однапред да се предвидат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија