Во годината кога Струшките вечери на поезијата одбележуваат 60 години постоење, на веб-страницата на Струшките вечери на поезијата ја поставивме дигиталната верзија на „Poliglota”, заедничко издание на Струшките вечери на поезијата (СВП) и НИП „Нова Македонија“, редакција „Детска радост“ од 1994 година, пишува во соопштението од СВП.
Како што истакнува приредувачот на ова издание, нашиот истакнат поет Гане Тодоровски: „...Во таа чест, му ја претставуваме на читателот оваа мала книшка со песната Т`га за југ препеана на повеќе јазици како полногласен показ за проникнувањето на литературите низ светот, како потврда дека големата мисија на литературата е да ги зближи народите од сите континенти и да ја афирмира големата идеја за создавање иден свет без граници..“ и понатаму во предговорот „..Во оваа едиција претставуваме 74 адаптации на 43 јазици (преводи, препеви, парафрази, имитации, транскрипции и сплантации) на Т`га за југ од пријателите на македонската поезија, од учесниците на СВП и од почитувачите на уметноста на зборот од сите меридијани на светот, надевајќи се дека ќе продолжи животот на песнава која претставува вистинска драгоценост во културната ризница на еден мал народ, кој веќе со милениуми грчевито се бори за да опстои“.
Освен дигиталната верзија на изданието, покрај оригиналот на македонски јазик, ги издвоивме и препевите на англиски, албански и француски јазик. Исто така, покрај кратката биографска белешка за Константин Миладинов (чиј автор е струшкиот историчар Петар Аврамоски), ќе може да ги прочитате и толкувањата на Т`га за југ (пократкото, од Гане Тодоровски и поопсежното толкување од уште еден великан на македонската поезија, Блаже Конески).
Поставувањето на ова издание е почеток на проектот за дигитализација на богатата издавачка продукција на Струшките вечери на поезијата, која на овој начин ќе биде достапна за најширокиот круг на читатели.