X
 22.08.2024 Живот

Под мотото „Допир на убавината“, вечерва почнуваат Струшките вечери на поезијата

Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, вечерва во 20:30 часот, ќе се одржи церемонијата на свеченото отворање на годинашното 63. издание на Струшките вечери на поезијата, кои традиционално започнуваат со поетското читање „Меридијани“.

Во рамките на церемонијата на отворањето, во големата сала на Центарот за култура е предвиден настап на нашиот познат пијанист Дино Имери, како и читање на поетската порака од страна на истакнатиот поет Веле Смилевски, а Фестивалот за отворен ќе го прогласи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој ќе има свое обраќање.

Во рамките на поетското читање „Меридијани“ свои стихови ќе читаат: добитникот на Златниот венец, истакнатиот француски поет и драматург Жан Пјер Симеон; добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевна теоретичарка Катица Ќулавкова; добитничката на наградата „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц; истакнатиот шведски поет Бенгт Берг, кој годинава ќе биде претставен и во рамките на едицијата „Плејади“; германската поетеса Ана Хофман; турскиот поет Ѓокченур Челебиоглу; монголскиот поет Галсансух Дежидмаа, како и многу други странски и домашни поети.

- Мотото на годинашниот фестивал е „Допир на убавината“. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик што овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на убавината, отелотворена во поезија. Но, исто така, сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо, преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата - информираат од Струшките вечери на поезијата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот