X
 18.01.2022 Култура

160 години од смртта на Константин Миладинов

На денешен ден во 1862 година во Цариград, денешен Истанбул, почина Константин Миладинов, македонски собирач на народни умотворби и поет.

Неговата песна „Т'га за југ“ е една од најпрепеваните македонски песни, со повеќе од 70 препеви на повеќе од 40 јазици. Со оваа песна секоја година се отвораат Струшките вечери на поезијата.

Константин Миладинов е роден во Струга, каде што завршил основно училиште, додека гимназија учел во Јанина, Грција. Студирал грчка филологија на Филозофскиот факултет во Атина, а потоа и словенска филологија во Москва, каде што членувал во Словенскиот кружок и соработувал во неговиот весник „Братски труд“, како и во весникот „Дунавски лебед“.

Константин заминал во Русија да студира словенска филологија на Филозофскиот факултет при Императорскиот универзитет во Москва. Во време на неговиот престој во Русија го обзема длабока осаменост и тага по родниот крај. Работејќи на редактирање песни и други народни умотворби и нивно подготвување за Зборникот, Константин и самиот почнал да пишува поезија. Поетското творештво на Константин Миладинов, иако скромно, само петнаесет песни, го става на пиедесталот на македонската нова литература како основоположник на македонската уметничка поезија.

Суровата руска зима и бедниот живот штетно се одразиле врз здравјето на Константин, па во 1859 година тој заболел од туберкулоза. Покрај подмолната и тешка болест, Константин го разочарал и неуспехот во настојувањата да се испечати Зборникот на народни умотворби. Основната причина за непечатењето на Зборникот во Москва е судирот на Миладиновци со Цариградската патријаршија во екот на преродбенската борба.

Во 1860 година Константин ја напуштил Москва и на пат за дома се сретнал со хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмајер, кој прифатил да го финансира печатењето на Зборникот, кој излегол од печат во 1861 година.

Константин зел неколку примероци од Зборникот и во средината на јули 1861 година тргнал кон родниот крај. Патем се задржал во Белград каде што дознал дека неговиот брат Димитар веќе половина година е во турските затвори. Надевајќи се дека ќе успее да го ослободи својот брат, наместо за Струга, тргнал директно за Цариград и никогаш повеќе не го видел родниот крај. Набрзо по пристигнувањето во Цариград и Константин бил фатен и фрлен во цариградските зандани. Обвинети како шпиони против кои, според изјавата на официјалните турски власти, се подготвува судски процес, браќата Миладиновци умреле во цариградските затвори во 1862 година, под досега неразјаснети околности.

Во продолжение ви пренесуваме неколку песни од Миладинов.

Т’га за југ

Орелски крилја как да си метнех
и в наши стâрни да си прелетнех!
На наши места ја да си идам,
да видам Стамбол, Кукуш да видам,
Да видам дали сâнце и тамо
матно угревјат, како и вамо.
Ако как овде сâнцето ме стретит,
ако пак мрачно сâнцето светит:
На пâт далечни ја ке се стегнам,
и в други стâрни ке си побегнам,
каде сâнцето светло угревјат,
каде небото ѕвезди посевјат.
Овде је мрачно и мрак м' обвива
и темна мâгла земја покрива:
мразој и снегој, и пепелници,
силни ветришта и вијулици,
Околу мâгли и мразој земни,
а в’гради студој, и мисли темни.
Не, ја не можам овде да седам!
Не, ја не можам мразој да гледам!
Дајте ми крилја ја да си метнам
и в наши стâрни да си прелетнам:
на наши места ја да си идам,
да видам Охрид, Струга да видам.
Тамо зората греит душата
и сâнце светло зајдвит в гората.
Тамо дарбите природна сила
со сâта раскош ги растурила:
Бистро езеро, гледаш, белеит
или од ветар синотемнеит:
поле погледниш, или планина
-сегде Божева је хубавина.
Тамо по срце в кавал да свирам,
сâнце да зајдвит, ја да умирам!

Бисера

Бисеро моме, Бисеро,
што носиш бисер на грло?
Твоето грло хубаво
и от дробнаго бисера
хилјада пати побело.
Бисеро моме, Бисеро,
зошто со бисер покриваш
твоето грло хубаво?
Ја нејку бисер да баца,
тук сака твоето грло.
Бисеро моме, Бисеро,
за кого нижиш бисерот?
За кого готвиш дарои?
Ја дарој бисер не сака,
тук сака мома Бисера.

На чуждина

Ја си дремам,
Зашчо немам
Шчо да чинам
На чуждина.
Имах дома
Една мома
Наружена,
Накитена; -
Сâнце греит,
Ког' се смеит.
Та ме љубит
И се губит
За моето
Счастје клето.
А ја тука
Беден пука
Од жалење,
Од страдање.
Крилја бара
на пазара
Да си метнам,
Та да летнам,
И да идам
Да ја видам;
Ама нема
Да си зема.
За тва седа
И за Неда
Мислеешчем,
Жалаешчем.
Ја не дремам,
Ами земам
Перо, книга
И со брига
Ахтам, дишам
И си пишам:
„Ах миленце,
Ти поленце!
Как' си била
Златокрила,
Крило павни,
Ветер мавни;
Над планини
На вишини
Подкрени се,
Опâти се,
И од тамо
Дојди вамо.
Чистороса,
Златокоса,
На рамена
Растурена
Коса фрли
И обгрли
Мене бедни
Пâт последни.
Тога веќе
Мајско цвеќе,
Не ќе дремам,
А ќе земам
Расцутена,
Миск обелена,
Сколова
Живот нова.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура