X
 09.08.2018 Живот

Фотограф со часови се обидувал да направи совршена слика од поларна мечка - погледнете го резултатот

Фотографот Фабрис Герин со часови набљудувал поларна мечка на Северниот Пол, чекајќи го моментот да направи совршена фотографија. Наместо тоа, успеал да фати слика толку тажна и толку вистинита, што е ужасен потсетник дека целосно ќе ја уништиме планетата Земја и сите нејзини жители ако не ни дојде паметот.

Сама, гладна и збунета, поларната мечка, по неколку часа поминати во безуспешна потрага по храна, пронашла црна, пластична кеса и почнала да ја јаде - најверојатно чувствувајќи го мирисот на храната што некогаш се наоѓала во неа. Фотографот се изненадил кога видел дека пластиката успеала да стигне и до тоа место.

- Со часови ја гледав поларната мечка од чамецот. Долго време не се движеше, па наеднаш тргна во потрага по храна. Тогаш забележа нешто на камењата. Се изненадив кога видов дека вади пластична кеса и почнува да ја џвака. За среќа, не ја голтна. Никогаш не ни помислив дека ќе видам пластика на овој дел од светот, но знам дека не постои граница што пластичниот отпад не може да ја премине... Глобалното производство на пластика се зголемува од година на година и денес наоѓаме пластични шишиња буквално секаде - рече фотографот.


Поголемиот дел од ваквиот отпад не е биоразградлив и многу животни, како желките, птиците и китовите, страдаат така што го голтаат пластичниот отпад. Оваа мечка имала среќа, но милион животни низ светот страдаат затоа што ние, луѓето, не сакаме да се свестиме и да се насочиме кон еколошки начин на живот.

Ако го сфатиме тоа денес, сѐ уште имаме можност да ги промениме работите. Додека не е доцна.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот