Во Зоолошката градина во Скопје напролет ќе пристигнат пингвини. Нивното доаѓање беше најавено одамна, но изградбата на живеалиштето беше стопирана минатата година. Сега директорот на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски, вели дека се надминати небулозните причини поради кои живеалиштето не било изградено навреме.
- Живеалиштето е стопирано на половина од градбата. Причините се банални и не смееме да дозволиме она што го очекуваат децата и што е ветено, да не го видат. Сепак, нашата цел е да направиме европска зоолошка. Во соработка со градоначалникот на град Скопје и некои поголеми македонски компании ќе направиме напори живеалиштето да биде готово до пролет - рече Галетановски.
Носењето пингвини во зоолошки градини е практика која се појавува на почетокот од 20 век. Тогаш во неколку зоолошки низ светот имало пингвини, кои лесно се адаптираат на животот во, ако можеме да кажеме, заробеништво, сè додекa ја добиваат потребната нега.
Чувањето на животните во таканаречено заробеништво е контроверзно прашање. Сите зоолошки градини во светот тврдат дека изложувањето на животните им овозможува на луѓето да ги запознаат и да научат нешто повеќе за нив, а кога пингвините се во близина, може полесно да се разбере нивната природа. За постигнување на оваа цел, секоја зоолошка треба да исполни неколку услови за да може животните да се развиваат во здрава средина слична на нивното природно живеалиште. Исто така, овие птици мора да добиваат и медицинска нега.
Местото во кое ќе бидат сместени пингвините треба да биде свежо и таму никогаш не треба да биде топло, иако температурата зависи од видот на пингвините. Потребни се и соодветно осветлување, доволно храна, лед и базен со ладна вода. Температурата на водата мора да биде приспособена според видот на пингвините. На пример, на аделискиот и царскиот пингвин им е потребна околина со температура меѓу 1 и 7 Целзиусови степени. Но, на африканскиот, магеланскиот и хамболд пингвинот им е удобно ако температурата на водата е меѓу 4 и 8 степени. Ако пингвините престојуваат во оптимална средина, тие може да живеат долго. На пример, кралскиот пингвин Миси во 2013
година наполни 36 години.
Пингвините се навикнати да живеат во околина во која нема предатори. Тоа значи дека треба да се безбедни од упади во местото каде што живеат. Во зоолошка никој не треба да им дава храна затоа што тоа може да им наштети. Само на вработените им е дозволено да ги хранат.
Пингвините се птици што не летаат. За милиони години еволуција, крилјата на пингвините се претвориле во перки за подобро да пливаат. Сите видови пингвини живеат на јужната хемисфера. Најголеми се царските пингвини, кои може да бидат високи и до 1,2 метар. Секој пингвин има уникатен глас и затоа лесно може да се препознаваат. Пингвините можат да пијат солена вода бидејќи имаат посебни жлезди кои им помагаат да ја исфрлат солта. Сите пингвини минуваат од 75 до 80 отсто од животот на море, но се парат и се гнездат на
копно.