X
 09.09.2024 Наука

Секојдневните активности не се доволни за превенција од мозочен удар

Истражување спроведено на Универзитетот во Гетеборг покажува дека физичките активности што ги правиме низ животот, на работа или дома, не се доволни за да нѐ заштитат од мозочен удар. Сепак, вежбањето во слободно време и користењето активни начини на транспорт се поврзани со намален ризик од мозочен удар.

- Физичката активност во слободното време и преку транспортот станува сè поважна сега кога многу работни места и домашни активности стануваат седечки - истакнува водечкиот автор на студијата, Адам Викторисон.

Истражувањето опфатило 3.614 луѓе од регионот Вестра Готаланд, од кои 269 доживеале мозочен удар во дваесетте години додека траело истражувањето. Три месеци по мозочниот удар, 120 од нив починале или им требала помош за извршување на секојдневните активности. Податоците за физичка активност биле собрани од анкети. Некои учесници добиле и педометар за носење. Физичката активност во слободното време или при транспортот покажала поврзаност со објективните мерења од педометрите, додека физичката активност на работа не покажала такво нешто.

- Во нашата студија, слободното време и физичките активности поврзани со транспортот беа поврзани со помал ризик од мозочен удар, додека активностите за време на работното време или во домаќинството не беа - истакнува Адам Викторисон.

Физички тешките работни места често се поврзани со стрес, мали можности за закрепнување, загадување на воздухот и генерално полоши социо-економски услови, кои можат да се спротивстават на позитивните ефекти од физичката активност.

Учесниците во студијата биле анкетирани и податоците биле собрани од 2001 до 2004 година. Истражувачите се надеваат дека овие резултати ќе доведат до поголема свест и промени во политиката за јавно здравје, за да се поттикне физичката активност во општеството.

- Охрабрување на луѓето да бидат физички активни во секојдневниот живот, на пример, со пешачење, возење велосипед и правење други видови вежби, може да биде важна стратегија за намалување на бројот на мозочни удари и подобрување на прогнозата на луѓето кои претрпуваат мозочен удар - заклучува Викторисон.

Извор: sciencedaily.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука