X
 06.05.2018 Здравје

Премногу железо во крвта предизвикува срцеви болести и мозочен удар

Железото е многу важно за нашето здравје. Тоа учествува во многу процеси во телото, а недостигот од железо во организмот е честа појава и главна причина за анемија. Од друга страна, се сугерира дека високите вредности на железо можат да го зголемат ризикот од срцеви заболувања и од мозочен удар. Некои студии укажуваат дека железото може да предизвика оксидација на таканаречениот лош холестерол (липопротеин со мала густина) или оштетување на ѕидовите на крвните садови.


Фото: Pixabay

Постојат докази дека консумацијата на црвеното месо е поврзана со поголем ризик од кардиоваскуларни болести. А се сугерира дека до повисоки вредности на железо во крвта се доаѓа поради консумација на црвеното месо. Сепак, потребни се многу повеќе истражувања за да се разбере врската меѓу консумацијата на црвеното месо, вредноста на железото, срцевите болести и мозочните удари.

Германски експерти ги анализираа податоците од големи европски студии во обид да го разјаснат меѓусебниот однос и поврзаноста. Неодамна нивните сознанија беа објавени во списанието „Американ џурнал оф нутришн“.

Студијата опфаќа повеќе од 520 илјади учесници од 10 европски земји, а ја утврдува врската меѓу исхраната, карциномот и други хронични болести. Подгрупата на оваа студија, на Универзитетот во Хајделберг, ја анализирала врската меѓу консумацијата на црвеното месо, нивото на железото и ризикот од срцеви болести.

Анализата на подгрупата покажала дека консумацијата на црвено месо е поврзана со зголемените вредности на железо и со поголемиот ризик од миокарден инфаркт, но не и со мозочниот удар или со кардиоваскуларната смрт. По приспособувањето на сите други познати фактори на ризик за кардиоваскуларните болести, врската меѓу вредноста на железото и кардиоваскуларните болести не се покажала како значајна.

Интересно е што вредностите на железото се поврзани со мнозинството добро познати фактори на ризик за кардиоваскуларни болести, како возраста, полот (машки), консумацијата на алкохол, дебелината итн. Научниците заклучиле дека зголемените вредности на железо можат да бидат показател за поголем ризик отколку основниот механизам кој би ја поврзал консумацијата на црвеното месо со кардиоваскуларните болести.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје