Франција им посакува добредојде на сите странски студенти!
Зошто Франција?
Високо квалитетно образование
Произлезен од една долгогодишна традиција, францускиот високообразовен систем се потпира на национална мрежа од над 3.500 високообразовни државни и приватни институции, од кои 74 државни универзитети. Франција е водечка земја во однос на истражувачките работи, научната и технолошка иновација, особено во доменот на транспортот, електрониката, телекомуникациите, хемијата, биотехнологиите, математиката, медицината, како и истражувањата во вселената.
Државата директно презема голем дел од реалните трошоци за студии за секој студент, вклучувајќи ги и странските студенти. Ова овозможува трошоците за школарина да бидат помеѓу најниските во светот, воедно гарантирајќи го квалитетот на стекнатите дипломи и нивното признавање на меѓународно ниво.
Да се студира во Франција, значи и да се живее во Франција, да се запознаат културата и уметноста на живеењето (l’art de vivre)
Франција како туристичка дестинација е на прво место во светот. Богатото природно и културно наследство, врвната гастрономија и познатата француска уметност на живеењето (l’art de vivre) привлекуваат милиони туристи годишно. Франција е и еден од најзначајните и највлијателни културни центри во светот, а студентите имаат привилегиран пристап до многубројните музеи, галерии, театри, киносали, фестивали, библиотеки и други културни установи. Освен културата, модата, гастрономијата, Франција привлекува и плени со разновидноста на своите пејзажи. Студентската картичка и попустите за студенти во превозот овозможуваат прошетки и патувања од Медитеранот и прочуениот Азурен Брег, преку Алпите и вулканските предели на регионот Оверњ, сè до бреговите на Атлантскиот Океан. Самата географска местоположба, во срцето на Европа и близината на градовите како Амстердам, Берлин, Брисел, Барселона, Минхен и Милано, овозможува патувања и запознавање со овој дел на Европа. Студирањето во Франција подразбира да се научи или усоврши францускиот јазик, меѓународен јазик кој го зборуваат повеќе од 300 милиони луѓе во светот, официјален јазик на 32 држави распространети на 5 континенти.
Францускиот јазик е работен јазик на Европската Унија заедно со англискиот и германскиот јазик и во нејзините три престолнини Брисел, Луксембург и Стразбур се зборува француски.
Одлично организиран студентски живот
Се води сметка за сите аспекти на секојдневниот студентски живот: студентите имаат пристап до бесплатен модерен здравствен систем, ефикасна мрежа за јавен превоз, рефундирање на дел од средствата за домување, привилегиран пристап до културни и спортски настани, многу попусти во ресторани, продавници итн. Овие услови овозможуваат покривање на основните потреби со релативно скромен буџет и уживање во секојдневниот живот.
Едноставни процедури за запишување
Пристапот до државните универзитети е едноставен и без административни трошоци. Пријавувањето за упис во прва година на студии оди задолжително преку Францускиот институт во Скопје и одделот Кампус Франс кој функционира во негови рамки. Таму воедно и ќе ги добиете сите потребни и неопходни информации.
Пријавувањето почнува на 1 ноември 2020, а краен рок за доставување документи е 17 јануари 2021.
Заинтересираните ученици од четврта година се пријавуваат во истиот период, без оглед што сè уште го немаат завршено средното образование. Пристапот, роковите и трошоците за прием на некоја од елитните високи школи „Grandes Ecoles“ или приватните високообразовни институции се разликуваат од оние на државните универзитети и треба да се проверат за секоја поединечно.
Стипендии
Француската влада, преку Амбасадата на Франција/Францускиот институт во Скопје, секоја година доделува од 6 до 10 стипендии за постдипломски студии (ниво мастер и докторат). Конкурсот за стипендии се објавува на веб-страницата на Францускиот институт во Скопје на почетокот од март. Постојат и други програми за стипендии за кои може да се информирате во Францускиот институт во Скопје.
(Комерцијална објава)