X
 25.02.2020 Образование

Jа напуштив мојата досадна работа за да студирам на 30 години

Британката Далија Давуд раскажува како ја напуштила својата здодевна работа за да се запише на факултет и ги опишува последиците од таквата одлука.

„Пред три години се чувствував заробена. Животот ми беше монотона рутина во која доминираа работата и вклопување во малку чудната забава околу неа - мојата работа повеќе не беше забавна. Веќе десетта година работев во истата компанија за продажба, а напредував од работа во продавница до одговорно лице за комуникации во главната канцеларија. Моја работа беше да ги информирам луѓето за бизнисот преку корпоративното списание, а иако мојата професија гласеше репортер, повеќе се чувствував како лице за јавни односи кое им ја промовира својата компанија на своите вработени. Искуството беше добро, но работата беше напорна. Таму бев премногу долго и се грижев дека никогаш нема да заминам, иако не бев задоволна.

Наскоро ова чувство на незадоволство почна да се шири на другите делови од мојот живот. Се трудев да најдам цел, особено креативност. Недостигот на тие две работи ми го јадеше мозокот додека се мислев што да правам во врска со тоа. Имав развиено креативно изразување уште од мала и пишувањето ми беше силна страна. Еден расказ за 'рчко што зборува што го напишав кога имав осум години - критички пофален од мојата мајка и мојата наставничка - беше границата до која оди мојата кариера на креативно пишување. Но како новинар, сакав да пишувам за креативноста на другите луѓе во уметностите и културата. Оваа желба беше присутна, но заспана. Се плашев дека ќе исчезне бидејќи немав самодоверба да се пријавам за работи во областа поради недостиг на искуство.


Фото: Daliadawood.com

Еден пријател ми предложи поинаква насока - образование. Се шегував со идејата да се запишам на магистерски студии, но сомневањето во себе ми стоеше на патот. Мојата прва диплома ја добив пред речиси една деценија и идејата за враќање на универзитет звучеше страшно. Сепак, размислив за тоа и забележав промени. Најдов курс на Лондонскиот колеџ за комуникации, ја напуштив работатa и се пријавив.

Во текот на следните 18 месеци почнав да цветам. Покрај наоѓањето храброст да го свртам животот во нова, возбудлива насока, сомнежот во себе кој постојано ме демнеше како сенка сега почна да избледува. Пред студиите се прашував дали навистина може да се вратам на универзитет? Дали ќе бидам добра во студирањето? Дали сум премногу стара? Тогаш имав 30 години и се сметав за баба во студентски години, но не беше така. Дури не бев ни најстариот студент. Сите се однесуваме како еднакви меѓу себе и впрочем мојата возраст ми помогна. Помладите студенти го вреднуваа моето искуство и знаење кога се работеше во групи. Добив нови пријатели, станав дел од групи, станав уредник на студентско списание, водев проекти, одев на пракса и почнав да работам хонорарно за списанијата на кои им се восхитувам.


Фото: Pixabay

Првпат одлучив да се иселам од дома. Живеењето на студентски локации беше искуство кое одеше од божествено до ужасно. Имав сопствено место со прекрасен поглед на градот, но морав да делам кујна, која често изгледаше како пештера со мувла и истурено млеко залепено на површините. Сепак, животот ми помогна да станам независна и да добијам самодоверба. Секој ден учев нови работи. Ми даваше моќ дури и готвењето за себе и средувањето на моето мало место на живеење. Се чинеше дека сите мои ограничувања исчезнаа - ова беше креативното и емоционално задоволство што го барав. Го најдов мојот новинарски глас, користејќи го моето потекло од Блискиот Исток и муслиманскиот идентитет кога пишував текстови и наскоро изградив портфолио на кое бев горда. Сакав да учам засекогаш, но тоа мораше да заврши. За среќа, моето новопронајдено чувство за вредност не заврши.

По завршувањето на магистерските студии продолжив да работам хонорарно и набрзо се вратив на универзитетот, но овој пат за да предавам. Сега сум вонреден предавач на истиот курс што го посетував, а водам и новинарски работилници за студентите. Моите професори и другите предавачи веруваа дека ќе ги искористам знаењето и искуството што ги добив за да ги подучувам другите - нешто што не можев да го замислам пред две години. Гледам на личноста што некогаш бев, заглавена во корпоративна кутија, и се насмевнувам. Таа не ја знаела својата вредност.

Звучи како клише, но враќањето на факултет ми даде многу. Најдобро од сè, ми ја зајакна самодовербата за да го работам тоа што го сакам и да се предизвикувам креативно. Финансиски бараше од мене, но беше и инвестиција во себе - најдобрата што сум ја направила досега.“

Автор: Далија Давуд
Извор: Theguardian.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование