На неодамнешните избори во Њујорк победи Ерик Адамс, поранешен полицаец, а сега политичар од Демократската партија и актуелен претседател на округот Бруклин. На 1 јануари 2022 година, по истекот на мандатот на актуелниот градоначалник, тој ќе седне во фотелјата на првиот човек на Њујорк. Едно од ветувањата на 61-годишниот избран градоначалник е дека тој ќе го направи својот град одличен центар на криптозаедницата и новите технологии.
По неколку дена од победата на изборите, Адамс влезе во кратка дискусија на „Твитер“ со градоначалникот на Мајами, Френсис Суарез, најавувајќи дека може да ја добие својата прва плата во биткоини и како тоа ќе го означи почетокот на новата ера за неговиот град. Мајами треба да стане „центар на иновации во областа на криптовалутите“.
На објавата на Суарез, Адамс ги зголеми своите влогови објавувајќи дека ќе ги добие првите три плати во биткоини.
- Њујорк ќе стане центар на индустријата за криптовалути и други брзорастечки иновативни индустрии. Само почекајте! - напиша Адамс.
Неизбежни критики
Како што вообичаено се случува на политичката сцена, критичарите на избраните политичари се незадоволни од овие најави. Тие посочуваат дека првенствено Адамс како демократ треба да го има предвид и фактот дека биткоинот има значително негативно влијание врз животната средина. Слично на тоа, некои истакнуваат дека според сегашниот закон на САД, не е можно да се бара од работодавецот да плаќа плата во валута различна од доларот, особено не во криптовалута.
Адамс одговори на критиките со најава дека неговите луѓе ќе ја истражуваат можноста да се исплаќа во биткоини. Според неговата идеја, њујорчаните би ја добиле таа можност, односно би можеле да изберат како ќе бидат платени за нивната работа. Овој потег треба да ја намали и перцепцијата за овој град како претерано бирократски. Визијата на новиот градоначалник е, наводно, да го направи Њујорк не само центар за развој на индустријата за криптовалути, туку и за тргување со нив бидејќи даноците на заработка треба да бидат ниски и привлечни за сите потенцијални криптоинвеститори.
Фото: Freepik