X
 10.08.2017 Живот

Градоначалник три дена живеел како бездомник


Градоначалникот на Солт Лејк Сити
(Фото: Youtube / Printscreen)


Градоначалникот на Солт Лејк Сити, Бен Мекадамс, три дена поминал живеејќи како бездомник затоа што сакал лично да го доживее тоа чувство. Првата ноќ ја поминал на улица, а втората во засолниште, и истакнал дека неговото искуство на многу начини било шокирачко, пренесува „Сани скајз“.

Првиот совет што го добил бил да не ги соблекува чевлите, а вториот – да не оди во тоалет кога ќе се стемни.

Градоначалникот истакнал дека не го направил овој чекор заради публицитет, туку со намера да ги собере неопходните факти пред да предложи нова локација за засолниште на бездомниците. Помислил дека врз основа на личните искуства би можел подобро да ги процени состојбата и потребите на тие луѓе.

Првата ноќ спиел на улица. Сакал да знае зошто некој преферира да спие на улица наместо во засолниште. „Не се чувствував безбедно. Апсолутно не се чувствував безбедно“, истакнал Мекадамс.

Животот на улица го опишал како хаотичен и истакнал дека успеал да отспие само четири часа. Сепак, некои луѓе со кои зборувал му кажале дека им е подобро да живеат на улица затоа што на тој начин се заштитуваат од  дрогата и насилството од бандите, кои често ги има во засолништата.

Втората вечер Мекадамс спиел во засолниште. Чекал во ред за кревет уште од попладнето, но бил одбиен. Повторно се вратил приквечерината, по што успеал да се избори за душек. Во засолништето пристигнал накиснат затоа што го зафатил пороен дожд, но задоцнил да добие ќебе. Помислил дека ако ништо друго, сепак ќе му биде потопло во внатрешноста на засолништето.

Кога се сместил таму, Мекадамс можел да види како некои лица се дрогираат пред очите на останатите. Можел да види како си вшприцуваат дрога во вените, но го почувствувал и мирисот на чад за кој претпоставувал дека е од дрогата што ја пушеле неколкумина присутни. Исто така, бил сведок и на тепачка помеѓу двајца мажи, во која едниот паднал на земја, при што силно удрил со главата во бетонот.

По три дена градоначалникот истакнал дека времето што го поминал како бездомник размислувал само каде ќе спие и што ќе јаде. Тој изјавил дека на луѓето што се концентрирани на решавањето на тие проблеми им останува многу малку енергија за да бараат работа.

Градоначалникот Мекадамс потенцирал дека за почеток планира семејствата што живеат во засолништа за бездомници да ги премести на побезбедни места, како и дека ќе се заложи за намалување на стапката на криминал. Неговиот план е тоа засолниште да се затвори, а да се отворат три нови, и тоа до средината на наредната година.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот