X
 09.12.2020 Живот

Англија планира да засади 10 нови шуми за пет месеци

Британската влада соопшти дека ќе засади 10 нови шуми во Англија во наредните 5 месеци. Станува збор за потег чија цел е заштита на животната средина.

Фондот за засадување 500 хектари шума е 12,1 милиони фунти. Шумите ќе се протегаат од Јоркшир до Сомерсет.

- Се надеваме дека дрвјата на крајот ќе складираат 100.000 тони јаглерод диоксид, што е еквивалентно на повеќе од 45.000 трансатлантски летови - соопшти Одделот за животна средина, храна и рурални работи.

Ова е една од низата мерки насочени кон исполнување на заложбите на Владата за зголемување на засадувањето дрвја на 30.000 хектари годишно до 2025 година. Исто така, владата планира да достигне нето-нула емисии на јаглерод до 2050 година.

Одделот за животна средина вели дека проектот ќе помогне да се намали ризикот од поплави, да се зајакне биодиверзитетот и да се зголеми пристапот на луѓето до шума и зелен простор, но активистите сметаат дека планот не оди доволно далеку. Освен тоа, Одделот се надева дека ќе ги зголеми работните места во секторот шумарство и животна средина.

Парите доаѓаат од 640-милионскиот фонд „Природа за климата“ на британската влада, објавен во март.

- Преку оваа нова возбудлива програма повторно ќе бидеме зелени, бидејќи повеќе заедници, особено оние во урбаните средини, ќе имаат пристап до природата, со вистински придобивки за здравјето и благосостојбата - изјави Лорд Голдсмит, министер за шумарство.

- Дрвјата се 'рбетот на нашите урбани и рурални средини и тие се неопходни во справувањето со климатските вонредни состојби. Оваа витална програма ќе засади дрвја онаму каде што се најпотребни: за спречување на поплави и напредување на природата во одредени места - додаде тој.

Извор: Metro.co.uk
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот