X
 09.12.2020 Живот

Новите мерења покажаа дека Монт Еверест е повисок за 86 сантиметри

Највисоката планина во светот, Монт Еверест, е за 86 сантиметри повисока, објавија Кина и Непал. Покривот на светот сега е на висина од 8.848,86 метри.

Досега официјалната висина на Еверест изнесуваше 8.848 метри, што беше прифатен резултат на мерењето на индиските научници од 50-тите години од минатиот век.

Ревидираната висина на снежниот слој на врвот на Еверест заеднички ја објавија кинескиот и непалскиот министер за надворешни работи - Ванг Ји и Прадип Кумар Гјавали по истражувањата во двете земји.

Непалската експедиција, која била на врвот минатата година, и кинеската, која била оваа година, ја измериле новата висина користејќи глобален навигациски сателитски систем, радари за снимање под површината, скенери, антени и друга опрема.

Тоа беше првпат истражувачи да ја мерат висината на врвот од самиот врв бидејќи досега тоа се правеше со традиционални тригонометриски методи.

За Непал, ова мерење беше прашање на национална гордост бидејќи земјата досега се потпираше на мерењата на експертите од странство.

Кристијан Герлах од Баварската академија на науките, експерт за геодезија и ледници, истакна дека висината не се променила поради новите методи на мерење, туку навистина е различна, што може да е последица на поместувањето на тектонските плочи или топењето на снегот.

Извор: Tportal
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот