X
 21.06.2020 Култура

Останаа отворени за време на пандемијата, па остварија најголема заработка во Европа

Киносалите низ светот, од Кина до САД, беа затворени за време на пандемијата, оставајќи ги луѓето да се прашуваат кога повторно ќе ги отворат вратите. Некои дури и одат дотаму што тврдат дека работите повеќе никогаш нема да бидат исти. Но во Шведска многу кина останаа отворени и функционираат според строги владини правила. Станува збор за 47 кина, а вториот по големина киносинџир „Свенска Био“ остана отворен и што се однесува до заработката, стана најголемиот кинооператор во Европа.


- Ние, Швеѓаните, сме родени за дистанцирање. Среќен сум што продолживме да работиме, но би сакал тоа да го прават сите - изјави Питер Форнстам, основач и директор на франшизата „Свенска Био“.

Проекција според строги правила


Според новите правила, во салата не смее да има повеќе од 50 луѓе, а Форнстам реши да го преполови тој број. Дезинфекцијата, миењето и растојанието се најважни, а тој воведе и нова програма, па сега може и да се изнајми салата за да играте видеоигри на голем екран. Исто така, постои и нешто што се нарекува „Bio на Demand“,.

- Со оваа програма можете да изберете филм и да го гледате со пријателите во вистинската сала. Не треба да зборувам премногу за успехот на тој потег бидејќи имавме многу голем број клиенти - објаснува Форнстам.

Но не гледаат сите позитивно на неговата одлука да продолжи со работа. „Филмштаден“, најголемиот киносинџир во Шведска, одлучи да ги затвори вратите во текот на пандемијата.

film
Фото: Screenshot/YouTube

- Порано постоеше шега за тоа дека кога на Швеѓаните ќе им се нареди да носат син и жолт чорап, никој од нив не би ја преиспитувал оваа одлука, но сите би се прашувале дали бојата на чорапите би можела да предизвика рак. Владата рече дека треба да затвориме, и ние го направивме тоа. Знаеме да се држиме до правилата, но постои физички и ментален проблем со кој мораме да се справиме, па се трудиме луѓето и понатаму да продолжат со нивните животи - велат од „Филмштаден“.

Шведски модел


Форстам е еден од оние што го прифатија шведскиот либерален модел на одговор на пандемијата. И додека соседните земји како Данска, Финска и Норвешка воведоа рестрикции и се затворија, Шведска ги затвори средните училишта и универзитетите, но дозволи работа на градинките и основните училишта. Театрите, музеите и спортските арени се затворени, но рестораните останаа отворени. Секако, владата се закани дека ќе ги затвори сите што нема да ги следат правилата.

За овој модел се дискутира насекаде низ светот, па и во Шведска. некои тврдат дека тоа е добар потег, додека други сметаат дека не постојат научни докази што би ја потврдиле исправноста на овие мерки.

Конзервативците ја користат Шведска како позитивен пример, но историчарот Ларс Траград е уверен дека многу луѓе не разбираат дека тоа во голема мера зависи од довербата во државата.

- Интересно е да се види шведскиот акцент на она што го нарекуваме слобода под одговорност, како е прифатен од десноориентираните либертаријанци во САД. Треба да се знае дека Шведска е создадена врз основа на силната соработка меѓу државата и поединецот - вели тој.

И Швеѓаните навистина ги следат предлозите на властите.

Спасителот Нолан

Новинарот Ерик Аугустин Палм вели дека Швеѓаните имаат неограничена доверба во државните експерти и интернализирано чувство на посебност, а резултатот од тоа е довербата дека властите знаат што прават.

- Сè уште е можно шведскиот модел да се покаже како добар. Да речеме дека колективниот имунитет ќе се постигне и дека стапката на смртност во Шведска ќе биде помала во одреден момент отколку во соседните земји. Веројатноста е мала, но можна - вели новинарот.

И додека се дебатира дали станува збор за добар или лош модел, Форнстам очекува работите во филмската индустрија да се средат. Моментално филмската индустрија со нетрпение ја очекува најавената проекција на новиот филм на Кристофер Нолан, „Тенет“, кој треба да се појави во јули.

Форнстам е убеден дека очекувањето на овој спектакл е доказ дека кината, концертите и спортските случувања и понатаму можат да бидат уникатно искуство.

- Некои луѓе се уверени дека ова е смрт на кината, особено за време на короната. Јас мислам дека не е така. Интересно е што имавме толкав успех со изнајмување на киното и тоа ни покажува дека многу луѓе и понатаму сакаат да гледаат филмови во кината, а не дома. Се надевам дека на 17 јули Нолан ќе ни помогне во тоа - вели Форнстам.

Извор: Index.hr
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура