Изгледа дека во ниедна друга земја во светот имплементацијата на вештачката интелигенција во секојдневниот живот не оди толку брзо како во Кина. А во револуционерниот занос некогаш некаде има и поголеми скокови нанапред. Токму тоа се случува во јужната кинеска провинција Гуејџоу, каде живеат околу 35 милиони жители.
Имено, одлуката на тамошните раководители на образовните установи да се воведат нови „интелигентни униформи“ ги вознемири учениците. Станува збор за униформи со вградени локатори кои можат да го следат движењето на учениците за време на наставата, но и во слободното време.
Во овие паметни униформи се вградени два чипа. Сега родителите и наставниците во секој момент можат да знаат дали децата пристигнале на училиште, дали денот го минале во училниците и каде биле по наставата.
Но, тоа не е сѐ. Не поминува ни замената на униформите бидејќи паметните униформи се регистрирани за секој ученик посебно. При влезот во училиштето мора да се мине низ скенер за препознавање на лица. Доколку лицето на ученикот не одговара на бројот под кој е регистрирана неговата униформа, се вклучува аларм.
Системот може да го следи движењето на учениците во училиштето, но и надвор, а чиповите се исклучително отпорни. Тие можат да издржат повеќе од 500 перења, а нема да се растопат бидејќи се отпорни на температури повисоки и од 150 Целзиусови степени.
Одредени службеници појаснија дека сега засега нема да го проверуваат движењето на учениците по наставата, но кој не е на училиште, ќе го лоцираат со помош на чипот во униформата.
Засега паметните униформи се воведени во неколку училишта, а раководствата на училиштата се надеваат дека набрзо ќе бидат прифатени и во други училишта ширум
земјата.