X
 09.12.2021 Живот

Џудит Полгар стана шаховски велемајстор на 15 години, како Бет Хармон од „Дамски гамбит“

Ласло Полгар е образовен психолог кој верува дека детето може да се истакне во сè ако се турка.

Тој дома ги школувал своите три ќерки како експеримент за да го докаже ова, терајќи ги да играат шах уште од мали нозе.

Експериментот брзо дал резултати. Џудит била најмалото од неговите деца и на петгодишна возраст го победила својот татко, кој исто така бил учител по шах. До нејзиниот дванаесетти роденден Џудит била најдоброрангирана девојка во шах во светот.

Унгарската шаховска ѕвезда ја постигна титулата велемајстор - највисоката титула што може да ја постигне еден играч, и тоа на 15-годишна возраст, станувајќи најмладата личност во тоа време што го постигнала тоа.

Не е ни чудо што таа се смета за вистинската Бет Хармон. Протагонистката на хит-серијата на „Нетфликс“ „Дамски гамбит“ е исто така женско шаховско чудо во сфера во која доминираат мажи, а обожавателите веќе ги истакнуваат нивните сличности.

polgar
Фото: CNN

- Дури и добив неколку телефонски повици од луѓе што ми честитаат за серијата. Беше смешно - вели Џудит.

Таа се чуди за автентичноста на „Дамски гамбит“, особено како беа структурирани игрите. Тие сцени ги дизајнирал Гари Каспаров, најдобриот шахист од 1984 година до неговото пензионирање во 2005 година.

- Игрите во серијата беа вистинско уживање за шахистите. Исто така, и говорот на телото и начинот на кој таа играше беа исклучително добро направени - вели Полгар.

Битка на половите


Пензионирана од 2014 година, Џудит верува дека нејзините битки против сексизмот во спортот беа уште попредизвикувачки од онаа со која  се соочува Хармон во серијата.

- Можам да кажам дека мојот живот беше многу поинтересен, многу попредизвикувачки како девојка во спорт во кој доминираа мажите - вели Џудит.

Во ноември 1989 година во интервју за магазинот „Плејбој“, Каспаров изјави дека постои вистински шах и женски шах. Но, Џудит го поби ова во 2002 година кога го победи Русинот, кога таа имаше само 24 години.

Половата нерамнотежа на највисоко ниво постои и денес - моментално нема жени меѓу најдобрите 100 шахисти во светот, а Џудит останува единствената жена што успеала да влезе во топ-10.

2
Џудит и Гари играат во Шпанија во 2001 година

Најџел Шорт, претседателот на Светската шаховска федерација, во 2015 година изјави дека мозокот на мажите и на жените е различно поврзан.

Но, таткото на Џудит имал многу поинаков став. Неговата порака до ќерките била дека шахот е чисто ментално натпреварување и дека настапот е независен од полот.

- Од самиот почеток татко ми веруваше дека секое здраво дете е потенцијален гениј, сакаше да го докаже тоа, сакаше да создаде средина како да сме момчиња и тогаш веруваше дека можеме да го достигнеме максимумот - вели Џудит.

Но, пристапот на нејзиниот татко наиде на противење.

- Се разбира, јас и моето семејство многупати бевме напаѓани и критикувани затоа што моите родители ме избраа мене да бидам шахистка - вели Џудит.

Но, напорот на Ласло и неговите ќерки се исплати. И Сузан е велемајстор, додека Софија е меѓународен мајстор.

Менување на играта денес

Џудит не мисли дека би ги достигнала височините што ги постигнала да не била домашната средина што ја создале нејзините родители.

- Она што може да се направи во иднина е промена на размислувањето на родителите и поставување исти цели за една девојка и едно момче. Начинот на размислување треба да се промени, општеството мора да има поинаков пристап - вели таа.

Со ова се согласува и најдобриот машки шахист на светот, Магнус Карлсен.

Карлсен вели дека е грешка да им се каже на девојките дека не можат да се истакнат во спортот, а момчињата се охрабруваат да играат повеќе од девојчињата.

Дури и во пензија, присуството на Џудит во играта останува силно.

Таа ја основа шаховската фондација „Џудит Полгар“ и стана шампион на ОН за жени. Со објавување повеќе книги за шахот, таа се надева дека ќе ги поттикне младите девојки да ја почнат играта и да ги следат нејзините стапки.

Извор: CNN
Фото: CNN
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот