X
 29.07.2017 Живот

Запознајте го хрватскиот Робин Худ


Пружени раце
(Фото: Istock)

Хрватскиот „Нови лист“ презентира една многу интересна сторија која на многумина им личи на некаква измислена сладникава комедија. Или уште подобро – како од рубрика „верувале или не“.

Имено, човек кој 27 години работел во хрватската пошта на информативниот деск „988“  и едвај врзувал крај со крај, направил делумно успешен обид во приватниот  бизнис, по што доживеал „неочекувана ситуација која му обезбедила сигурна и добра натамошна егзистенција“. Со скриен идентитет, раскажува дека конечно добил шанса да го исполни сопствениот завет: да им помага на луѓето што се во неволја: на сиромашните, болните, бранителите... за неодамна да одлучи, со сопствени средства, да ја поддржи и талентираната млада шахистка Анамарија Радиковиќ, да отпатува на Светското шаховско првенство во Монтевидео, Уругвај, откако хрватскиот сојуз соопштил дека нема доволно финансии да ја испрати Радиковиќ на ова натпреварување.

Неодамна весникот објави сторија за најдоброрангираната хрватска шахистка, 14-годишната Анамарија Радиковиќ, која е на 50-тото место во Европа и на 70-тото место во светот, и успеала да одигра и реми со великанот Гари Каспаров, но дека хрватскиот шаховски сојуз не може да ги покрие трошоците во висина од 25.000 куни (околу 3.500 евра) за учеството на Анамарија на Светското шаховско првенство во Уругвај.

Овој напис го мотивирал анонимниот добротвор да одлучи да ги покрие вкупните трошоци за престојот на Анамарија и нејзината мајка во Монтевидео, вклучително и набавката на потребната спортска опрема за натпреварот. Под знамето на Хрватска, се разбира.

И ова не е единственото негово добро дело, туку само капка во морето добродетелства. По секоја информација што стигнала до него, а се однесувала на потреба на луѓе што страдаат и им е неопходна помош и подадена рака – тука е тој. Добродетелот од Риека.

Всушност, кој е тој? Кој е човекот што несебично ги споделува своите пари со другите? Зошто го прави тоа? Од каде ја црпи својата неизмерна емпатија кон страдалниците и што ја поттикнува неговата граѓанска, чисто човечка одговорност да им помага на оние што имаат потреба од помош и поддршка?

Тој е филантроп и добротвор. Колку ова и да звучи налудничаво и неверојатно во денешно време, сепак, неговата животна мисија е – помагањето. Списокот со неговите добри дела е прилично долг. Им помогнал на многу луѓе во многу различни ситуации, а никогаш не побарал ништо за возврат. Тоа е неговиот модус вивенди.

„Знаете, јас мака мачев да го поминам месецот. Последните пет години тоа се промени. Ми се случи поволна ситуација што ми обезбеди сигурна и безбедна егзистенција. Така добив можност да им помагам на оние на кои им треба помош. Бидејќи на своја кожа почувствував колку е тешко кога немаш надеж дека некој ќе ти пружи рака. А си ветив самиот на себе – ако некогаш имам пари и ако со нив можам да им помогнам на другите, тоа и ќе го направам! Јас си го исполнив сопствениот сон, па сега го исполнувам и своето сопствено ветување. И тоа го правам секој ден“, вели добротворот, кој инсистира на своето право да остане анонимен. Воопшто не се променил по стекнувањето на финансиските средства: живее во истиот стан, во истата висококатница, се дружи со истите луѓе, се движи по истите, познати патеки. Вели дека единствената промена кај него е што е поопуштен околу плаќањето на сопствените трошоци за живот, но и многу посреќен што може да им помага на другите.

„Во еден момент моето семејство преживуваше од скромната, минимална пензија на мојата сопруга. И тогаш доживеав среќна пресвртница во мојот живот. Се извлековме, и јас со сопругата и моите две деца. Оттогаш – им помагам на другите и ќе продолжам да го правам тоа“, вели тој.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот