Навистина ми е мило што направија серија како „Дамски гамбит“ (The Queen’s gambit), која ги навлече луѓето на шахот. Тоа е познатиот нетфликс-ефект, односно луѓето го прават тоа што го гледаат. Во некои аспекти се пронајдов во ликот. Сето тоа ми ги врати спомените и ме потсети на поддршката која е навистина значајна, во мојот случај од родителите, вели Бојана
Девојки што професионално играат шах, за жал, кај нас се поретка појава отколку што е тоа случај во други земји. Тоа не ја обесхрабрило нашата Бојана Бејатовиќ веќе 15 години да реди успеси на домашните и на меѓународните турнири, често и во машка конкуренција. Популарната серија „Дамски гамбит“ дополнително го зголеми интересот за шахот во светски рамки, но тоа не направи таков ефект кај нас.
Бојана, сепак, е активна на турнирите, кои моментално се играат онлајн поради пандемијата. Освен како играч, таа дели правда на мечевите, грижејќи се сè да тече регуларно. Шахот само ја има зацврстено нејзината дисциплина и решителност за остварување на целите, а една од најголемите, ако не и најголема цел за еден шахист, е титулата велемајстор. Оваа дваесет и шестгодишна девојка од Скопје би сакала токму тој мајсторски префикс еден ден да го напише пред своето име.
На колку години првпат покажавте интерес за шахот и дали посетувавте некое шаховско училиште?
- Оваа древна игра првпат ја открив на четиригодишна возраст. Тогаш мојот дедо ме учеше како се движат фигурите. Во тој период татко ми, кој инаку е поранешен кошаркар, настојуваше да ме воведе во кошаркарските води, но љубовта кон шахот преовлада. На 7-8-годишна возраст изразив желба да тренирам шах. Во тоа време постоеше шаховскиот дом „Скопје“ во ГТЦ и оттаму ме упатија во школaтa на Димитар Невчевски и Петар Евросимовски - „Перспектива“, во која започнав на свои девет години. Најважното нешто што го научив е дека мора да се работи за да се успее.
Дали имате одредена мајсторска титула?
- На четирите досегашни олимпијади (2010, 2014, 2016 и 2018) ја имам освоено ФИДЕ-титулата женски кандидат мајстор, но таа не ми е сатисфакција. Кај нас нема национални титули, но според американски стандарди (USCF), би била шаховски експерт со рејтинг помеѓу 2000 и 2199.
Девојките кај нас поретко се решаваат за интензивно изучување на шахот. Со што Вие би ги мотивирале да почнат со шахот?
- Шахот дава можност да бидеш свој во секоја можна смисла и е поврзаност на лева и на десна хемисфера. Факт е дека девојките поретко се занимаваат со шах, меѓутоа, шахот не познава родова дискриминација. Мене лично отсекогаш ми било интересно да се натпреварувам во машка категорија. Сексизмот дојде до израз на Универзитетското шаховско првенство во 2017, кога не ми ја врачија наградата за прво место, туку му ја дадоа на второпласираниот, а приговорите и протестите околу сето тоа не дадоа резултат.
Дали сметате дека шахот треба да се изучува во училиште и со какви квалитети се стекнува едно дете што изучува шах?
- Би рекла дека е строго задолжително и неопходно! Не го кажувам ова само поради тоа што јас се занимавам со шах, туку шахот навистина помага и во секое поле може да се почувствува неговото влијание. Шахот, пред сѐ, влијае врз начинот на кој човекот размислува. Се развива и поттикнува креативноста и логичкото размислување. Во неколку земји шахот веќе се изучува уште од најрана училишна возраст. Минатата година станав сертифицирана според ECU101, согласно стандардите на Европската шаховска унија кои се применуваат за изучување на шахот во училиштата.
Се надевам дека и нашата земја ќе го следи примерот на европските земји и ќе започне да го воведува шахот во училиштата.
Кој Ви е најголем шаховски успех? Дали сè уште сте активни по турнири?
Јас сум седумкратен првак во Македонија на младинските првенства во женска конкуренција (категории до 12, 14, 16, 18 год.), а имам освоено и второ место на државно првенство до 18 години во машка категорија. На меѓународен турнир во Мурек, во машка категорија до 14 години во 2007 година го освоив првото место. На екипното првенство во Марибор во 2009 година, во категорија до 15 години, остварив стопроцентен резултат на прва табла. Инаку да, активна сум по турнири и не планирам да се „пензионирам“. Тоа е убавината во шахот. Може да се игра дури и на 80 години.
Освен шахот, кои се Вашите интереси и дали моментално се занимавате со нешто друго?
- По струка сум правник, а моите интереси се навистина широки. Ланската година навистина ми го одреди правецот во шахот. Член сум на Управниот одбор на Асоцијацијата на шаховски професионалци и на ФИДЕ фер плеј комисијата. Мамењето во шахот (особено онлајн) навистина зема замав, а ние се трудиме да ја одржиме фер плеј вредноста.
Покрај тоа што сум активен шаховски играч и репрезентативец, бев капитен на македонската младинска екипа за Балканијадата, а оттогаш запливав и во тренерските води, давајќи часови по шах и водејќи шаховски стримови на Твич.
Во светот е позната серијата „Дамски гамбит“, која навлече многу луѓе на шахот. Дали ја гледавте и што мислите на неа?
- Ја изгледав во две вечери. Навистина ми е мило што направија таква серија, која ги навлече луѓето на шахот. Тоа е познатиот нетфликс-ефект, односно луѓето го прават тоа што го гледаат. Во некои аспекти се пронајдов во ликот. Сето тоа ми ги врати спомените и ме потсети на поддршката која е навистина значајна, во мојот случај од родителите. Единствена негатива за серијата е употребата на зелените апчиња/дрогата. Тоа дава лоша слика за шахистите дека користат допинг или нелегални супстанции.
Дали кај нас моментално има интерес кај младите за шах или порано повеќе сакаа да го играат?
- Мислам дека порано имаше поголема заинтересираност за шахот, поради тоа што сега технологиите и социјалните медиуми го зедоа примарното место во животот на младите. Кога бев судија на меѓународниот викенд-турнир за млади во „Континентал“, видов голем број деца, меѓутоа, ме изненади нивната игра од аспект на тоа што некои се стремеа повеќе кон победа преку нерегуларности отколку победа преку надигрување на противникот.
Имате одредена зацртана цел во шахот што сакате да ја остварите?
- Да, секако. Секој се стреми кон крајната титула од шаховската пирамида - велемајстор. Меѓутоа, трновит е патот до шаховскиот врв. Но, мило ми е што сум вклучена во административниот дел од шахот и што го давам својот придонес за шаховскиот свет преку една од комисиите на Светската шаховска федерација.
Имате одредени ритуали пред партија. Како се концентрирате и дали покажувате емоции за време на мечот?
- Пред партија слушам строго инструментална музика и медитирам. Во голем дел научив да ги контролирам емоциите. Читав доста психологија, особено за моќта на умот, моќта на мислите и нивното фреквенциско влијание. Некои ме викаат и Ледена поради тоа што не покажувам никакви емоции и брзо ја прифаќам реалноста. Единствен начин на кој се манифестира мојот напор се вцрвенетите образи, меѓутоа, тоа е нормална реакција на неколкучасовна борба.
Фото: Приватна архива