Нов Зеланд ќе ја забрани продажбата на тутун за следната генерација со цел постепено да им стави крај на цигарите. Сите родени по 2008 година нема да може да купат цигари или други производи со тутун во рамките на закон кој треба да биде донесен следната година.
- Сакаме да бидеме сигурни дека младите луѓе никогаш нема да почнат да пушат цигари - изјавила министерката за здравство на Нов Зеланд, Ајеша Верал.
Лекарите и експертите во земјата ги поздравуваат реформите, кои ќе вклучат и намалување на нивото на никотин во цигарите. Освен тоа, во земјата наскоро ќе може да се купат цигари само на одредени локации, а продавниците ќе имаат дозвола за продавање само ограничен број кутии.
Фото: Pixabay
Нов Зеланд сака да го намали процентот на жители што пушат цигари на 5 отсто до 2025 година, со цел воопшто да нема пушачи во земјата во иднина. Во моментов околу 13 отсто од возрасните жители на Нов Зеланд пушат цигари, помалку од 18 отсто од пред една деценија. Процентот е повисок кај припадниците на домородното население Маори.
Според Министерството за здравство на Нов Зеланд, пушењето е причина за појава на еден од четири вида рак и претставува главна причина за смрт што може да биде спречена во земјата.
Извор:
BBC
Фото: Pixabay