Можам да кажам дека на медицинските факултети колегите немаат основни услови за изучување на некои од предметите, на пример анатомија, поради тоа што повеќе од дваесет и пет години изучуваат анатомија на препарати што се од 1963 год. Покрај анатомијата, тука се и другите предмети каде што литературата не е променета со години, додека медицината секој ден драстично се менува, вели Сашо Јандрески, кој иновирал шприц на 16 години
Сашо Јандрески е познат по својата патентирана иновација, односно што успеа да измисли шприц што ќе ги штити медицинските лица од зарази при инјектирање терапија. Тој успеа да го реализира својот изум на 16 години, додека беше втора година во прилепската гимназија „Мирче Ацев“. Денес живее во Словенија и студира на Факултетот по медицина на Универзитетот во Љубљана. Има 19 години.
- Роден сум во Прилеп, каде што и живеев до мојата 16-та година. По завршувањето на втора година средно како ученик во прилепската гимназија „Мирче Ацев“ во Прилеп (природно-математичка насока) добив понуда да се школувам во Марибор, Словенија, на програмата International Baccalaureate, која е една од најпрестижните средношколски програми во Европа. Таа можност ја добив поради мојата прва медицинска иновација – „Јандреевиот шприц“ и многубројните награди на меѓународните саеми, меѓу кои и златен медал на Архимед како најпрестижна награда во областа на иновациите и новите технологии. По успешното завршување на IB програмата во Марибор, како што веќе кажав, се запишав на Медицинскиот факултет во Љубљана - изјавува Сашо Јандрески.
Волонтерството Ве внесе во медицината... Какво влијание изврши волонтирањето врз Вас? И колку кај нас децата имаат слух за волонтирање...
- Моите први контакти со медицината беа остварени благодарение на волонтерството и Црвениот крст, иако желбата за медицина ја имав многу порано, волонтирањето беше уште една потврда дека сакам мојата идна професија да биде медицината. Кога сме веќе кај влијанието и што тоа волонтерството придонесе во мојот живот, пред сѐ, би рекол дека поради волонтирањето во Црвениот крст и во Итните медицински служби, се стекнав со знаење кое не можеме да го научиме преку книгите, имав одличен ментор и благодарение на него, имав можност да научам како треба да го почитуваме и како треба да се однесуваме со секој пациент. Исто така, благодарение на менторот, д-р Анита Ристова-Милошеска и нејзината професионалност, ургентната медицина ми остана врежана во мислите. Што се однесува до младите и волонтирањето, секогаш сум апелирал дека од нас, младите, се очекува да помогнеме кога е најтешко, досега сум бил дел од различни хуманитарни акции, акции за потрага по исчезнати лица, спасувачки акции, акции во време на корона-кризата и можам да кажам дека младите секогаш се спремни и први во волонтерските редови да помогнат на кој било начин - вели Сашо.
Како се наметна потребата да создадете шприц кој ќе ги штити здравствените работници?
- Пред сѐ, би рекол дека тоа на почетокот беше само една идеја која поради мојата упорност и труд, успеав да ја донесам на ниво на патент. Кога сме кај потребата и самиот почеток, односно добивањето на идејата, тоа се случи за време на моето волонтирање во Итните медицински служби кога при итна интервенција во амбулантно возило еден од лекарите се повреди со веќе искористена игла, што ми даде доволно силен знак да почнам да истражувам колку од здравствените работници годишно се инфицираат и умираат при повреда со веќе искористена игла/шприц. Податоците ми дадоа уште поголема причина да почнам да размислувам како мојата идна професија да ја направам безбедна со цел да ги заштитам здравствените работници и оттука се роди идејата за мојот прв медицински патент – раскажува Сашо.
Училиштата не се опремени со лаборатории кои можат да одговорат на поамбициозни цели. Како успеавте да ја визуализирате Вашата идеја?
- Како што веќе напоменав, една од главните причини за мојот успех е мојата упорност и работа. Главно целиот проект беше работен во многу тешки услови, се снаоѓав на различни начини околу изработката на прототипот, тестирањата и изработката на финалниот модел. Во текот на изработката се соочив со многу препреки, а една од нив беше и недостиг на опрема и лаборатории во училиштето каде што учев. За жал, тоа не е променето и по четири години ситуацијата е иста, затоа би ги советувал сите ученици што имаат слични амбиции да не се откажуваат и да се борат додека не пронајдат начин како да ја реализираат нивната идеја иако некогаш тоа изгледа невозможно – споделува Сашо.
Во која фаза е сега Вашата иновација? На каков одѕив наидовте надвор од државава?
- Иновацијата „Јандреев шприц“ уште во 2020 година беше официјално патентирана и објавена во „Службениот весник“ на нашата држава, со тоа што јас добив лиценца и полноправна сопственост. Што се однесува до одѕивот од другите држави, освоив неколку меѓународни награди на саемите за нови технологии и иновации во Загреб – Хрватска, Севастопол - Русија, Москва - Русија, бев дел од документарниот филм за International Medis Awards 2021, добив признание за мојата иновација од генералниот директор на International Federation of Invention’s Associations (IFIA), Хусеин Хујич, бев дел од различни интервјуа на интернационални телевизии, па можам да кажам дека интересот беше доста голем и остана непроменет – вели Сашо.
Каква забелешка би му дале на нашиот образовен систем? Остава ли простор талентот на децата да излезе на површина?
- Нашиот образовен систем има многу недостатоци, почнувајќи од основното образование, средното, па сѐ до универзитетското образование. Би си дозволил да ја прокоментирам ситуацијата во средните училишта и медицинските факултети во нашата држава. Почнувајќи од средните училишта, пред сѐ, нашите средношколци немаат основни услови да ја следат програмата од МОН, еден од фактите што го оправдуваат мојот став е тоа дека во природно-математичките насоки во четири години образование средношколците не добиваат шанса да микроскопираат, а камоли да следат некој од основните хемиски и физички експерименти што треба да ги разберат за да ја совладаат програмата по која работат. Корупцијата, како и секаде, е фактор кој преовладува и во образовниот систем и голем доказ за тоа беа скорешните резултати од приемните испити во едно од средните училишта во Скопје, каде што јасно се виде дека учениците што имале просек 5,00 во реалноста се на ниво каде што би имале само задоволителен просек. Кога сме кај медицинските факултети, можам да кажам дека колегите немаат основни услови за изучување на некои од предметите, на пример, анатомија поради тоа што повеќе од дваесет и пет години изучуваат анатомија на препарати што се од 1963 год. Покрај анатомијата, тука се и другите предмети каде што литературата не е променета со години, додека медицината секој ден драстично се менува. Мојот одговор на прашањето дали има простор талентот на децата да излезе на површина е да, меѓутоа, за жал, не може да се надградува и реализира. Ситуацијата во образовниот систем е една од главните причини што младите се иселуваат од нашата држава – раскажува Сашо.
На што во моментов сте посветени? Во што ја вложувате Вашата енергија?
- Во моментов сум посветен на студиите и работам на проект кој е базиран на истражување на хормоналните канцери кај жените, особено канцер на дојка и канцер на грло на матка. Ова истражување го започнав пред речиси две години и би ми одзело уште три-четири години со цел да дојдеме до некаков резултат околу соединенијата што се тестираат. За жал, профилот на проектот не дозволува да споделувам какви било други информации поврзани сѐ до моментот на публицирање научен труд - вели Сашо.
Кои се Вашите амбиции, какви цели си поставувате?
- Во иднина би сакал да го живеам својот сон, да се остварам како успешен лекар и специјалист кој со своето знаење и вештини ќе спаси многу човечки животи и би придонел во развојот на медицината. Паралелно на студиите ќе останам фокусиран на истражувањата и иновациите колку што ми дозволува времето. Што се однесува до мојот досегашен успех, би го препишал на мојата упорност и работа, секако, и поддршката што секогаш ја имам од моето семејство, колегите и најблиските – заклучува Сашо.
Фото: приватна архива