Прекрасно е чувството да ја достигнеш целта - да се искачиш на врвот на планината Винсон на Антарктикот, пред сè, заради самиот себе, но уште повеќе кога со тоа ќе предизвикаш гордост кај целата своја нација, истакна денеска Илина Арсова на прес-конференцијата по повод нејзиното искачување на врвот на 27 декември минатата година.
Арсова е првата Македонка што се искачила на оваа планина и со овој подвиг успеала да ги искачи сите највисоки седум врва на седумте континенти на планетата Земја. Со ова, таа го комплетирала и проектот на Федерацијата на планинарските спортови на Македонија (ФПСМ) и Агенцијата за млади и спорт, „Седум самит“.
- Навистина посебно беше чувството кога пред завршување на седмиот врв и моето пристигнување во Скопје на аеродромот, освен најблиските, ме пречекаа и група планинари, мои пријатели, колеги на чело со професорот Угриновски, кој воедно е и првиот Македонец што стапнал на поларната површина на Антарктикот во 2002 година. Се чувствував посебно. Сите тие луѓе на свој начин ме мотивираа да истраам до завршувањето на оваа мисија - рече Арсова.
Фото: МИА
Најмногу ѝ е драго што еден ваков дострел, подвиг во планинарските спортови, предизвикал големи реакции во јавноста и чувство на радост кај поширока јавност, а не само кај планинарите.
- Навистина имаше бурни реакции на социјалните мрежи и во медиумите, имајќи предвид дека сепак планинарските спортови не се најпопуларни, како ракометот и кошарка, кои имаат многубројна публика. Нашата публика е планината, сувата карпа и снегот. Нема кој да навива за нас кога сме таму. Ни останува кога ќе се вратиме преку фото и видеоматеријали да ви прикажеме, да успееме да доловиме мал дел од она што се случува на планината, а тешко е да се пренесе студот, лавините, опасноста и ризици кои нè демнат постојано, не се гледа ниту на фотографија, а тешко се доловува и на видео - појасни Арсова.
Таа истакна дека станува збор за еден многу предизвикувачки и комплексен спорт бидејќи вклучува сегменти од повеќе спортови, дисциплини и вештини кои планинарот треба да ги поседува за да биде член на една експедиција и за да постигне високо и гордо достигнување.
- Освен планинарење, ние треба да знаеме да качуваме карпа, да имаме познавање од алпинизам, но треба да знаеме да ракуваме со опрема за извлекување и спасување, да ракуваме со јажиња и опрема за обезбедување, треба да познаваме прва помош, дотолку да може да си укажеме на себеси или на партнерот. Треба да познаваме и лавинологија, метерологија, топографија, геоморфологија.
Планинарот, според Арсова, мора да се приспособи на екстремни услови за живот, а споредено со другите спортови, натпреварот на планинарите трае со денови или месеци на повисоките планини. До 53 дена се движат на висина над три илјади метри. Тоа се услови за кои нашето тело не е создадено да живее и нормално да функционира.
- Згора на сè, тоа се случува во услови кои се изолирани по неколку дена од каква било безбедност, и сме изложени на ризици кои не зависат од самите нас. Тоа е главниот предизвик, бидејќи треба со денови да се издржи надвор од комфор-зоната. Колку и да сме ние физички спремни, голема е таа комплексност што ја содржат нашите спортови - рече Арсова.
Претседателот на Федерацијата на планинарските спортови на Македонија, (ФПСМ), Јовица Угриновски, во свое обраќање на прес-конференцијата истакна дека заслугата е индивидуална, односно е нејзина, таа самата знае колку напор, желба, љубов, време, а и пари се потребни за да се оствари целиот проект.
- Не само Федерацијата, туку и Агенцијата за млади и спорт ја препозна оваа значајност и комплетно застана зад овој проект. Проектот не ќе можеше да биде остварен доколку не наидевме на комплетно разбирање од Агенцијата, која понесе лавовски дел од финансирањето на оваа експедиција - рече Угриновски.
Извор: МИА