X
 21.10.2016 Живот

Две храбри авантуристки сами го искачија Мон Блан



Сања Костуранова (27) и Јасенка Миова (28) се бестрашни девојки од Скопје кои летово си го остварија сонот да стапнат на највисокиот планински врв во Западна Европа


Со планинарски ранци наполнети со опрема и многу челична волја, две авантуристки од Скопје летово си го остварија својот сон - го искачија највисокиот планински врв во Западна Европа, Мон Блан (4.808 м)! Тоа не им бил прв обид на Сања Костуранова (27) и Јасенка Миова (28) - досега се обидувале во група да ја постигнат целта, но ете, им успеало сами. Три години освојуваат врвови, планини, одат сами, велат, не им е убаво во поголема група.

Многу ја посакувавме оваа авантура, а ни се оствари крајно непланирано, вели Костуранова, која е дипломиран политиколог.

-Временската прогноза ветуваше два совршени дена за качување, ја контактирав Јасе, која е мој неколкугодишен партнер за качување, и решивме да пробаме сами да го освоиме Мон Блан. Вообичаено, ако го качувате Мон Блан или секој друг повисок врв, треба да претходи аклиматизација, која ние ја немавме. Времето беше пресуден фактор, па така, по 20 часа патување, стигнавме во преубавиот Шамони. Одморивме два часа и тргнавме до вториот дом Рефиж ди Гуте (3815 м), каде што и преноќивме. Наредниот ден беше искачувањето на врвот, кое помина според планираното. Тргнавме утрото околу 3 часот, а на врвот бевме околу 7 часот – раскажува Сања.



СТРАВОТ Е НЕПОТРЕБНА БАРИЕРА

Стравот и љубопитноста се составен дел на секоја планинска авантура, вели Јасенка, која е економист по професија.

-За мене, тоа е и дел од убавината. Страхопочитта кон планината и условите кои таа ги наметнува секогаш треба да постојат. Но, не само кога одиме на Алпите или некои други врвови кои се звучни, но и овде во Македонија. Психичките подготовки се случуваат во секој момент кога наивно влегуваме во ситуации кога сме на планина под лажната сигурност дека ете сме на Шапка, па сѐ е во ред. Не еднаш ни се случило да нѐ фати толку густа магла што не се гледа прст пред око или да наврне силен дожд, што дури и преку јакна ја пржи кожата. Баш затоа што беше толку внимателно испланирано и временските услови беа совршени и секако, стравот дека е нешто што правиме првпат, искачувањето на Мон Блан беше еден од најнеризичните потези досега. Секако, не сакам да кажам дека е прелесно, туку дека ако е нешто во кое вистински уживате, ризикот треба да го прифатите широкоградо. Би цитирала една од легендите на модерното планинарење и алпинизам, Ули Штек: „Тежината на рутата не секогаш го детерминира ризикот, сѐ се состои во тоа да си ги знаеме границите.” – вели Јасенка.





Нејзината другарка Сања е скарана со стравот. Тоа е „бариера што не ти дозволува да ги перципираш и доживуваш работите реално, па некако гледам да не допира до мене.“

-Конкретно за Мон Блан постоеше голема доза на решителност и меѓусебна доверба помеѓу нас двете, што е основа за освојување на еден врв. Затоа, избирајте го внимателно партнерот за на планина бидејќи таму горе сте едно!

ПОСВЕТЕНИ СПОРТИСТКИ

И двете страсно го сакаат спортот, воопшто. Подвигот за Мон Блан не го направиле кампањски, па така и подготовките не им биле такви. Се потрудиле да си ги наметнат планинарењето и спортот како животен стил, а помалку како нешто што би го правеле три месеца интензивно, па да го баталат.

-Долгите прошетки низ балканските планини, интензивното следење на временските услови, трчањето, одењето на Водно, внимателната исхрана се составен дел од нашето секојдневие. Пред тоа највисока точка ни беше планинарскиот дом „Маргерита“, кој се наоѓа на Монте Роза, на надморска висина од 4.554 метри и претставува највисокиот планинарски дом во Европа – вели Јасенка.



Водно е вториот дом на Костуранова во последните три години. Луѓето што ја познаваат знаат дека кај неа нема забошотување кога станува збор за посветеноста кон спортот.

-Нa секој тренинг му се пoсветувaм мaксимaлнo кaкo дa ќе требa дa се испрaвaм пред некoј oгрoмен предизвик, дури и кoгa немaм ништo нa aгендa. Подготовките за Мон Блан поминаа одлично, сo сто отсто посветенoст, мaлку пoмaлку шетање, мaлку пoрaнo стaнувaње, тaкa секoј ден и успехoт е неминoвен. Трчaњетo, вoзењетo велосипед, плaнините и кaрпите се мoетo секoјдневие вo кoе вистински уживaм – ни открива Сања.

Мон Блан се состои од два главни дела, од кој едниот е Виа Ферата, што би значело заштитена качувачка рута со фиксни јажиња, која е честа практика на звучните врвови на Алпите, а другиот е класично планинарење. Авантуристките од Скопје велат дека енигма им е алпинизмот и дека би сакале да ги откријат тајните и на овој спорт, иако признаваат дека сѐ уште е рано.

-Во алпинизмот има поголема доза на ризик, бара огромна внимателност, смиреност и трпение. Техничките врвови (тие што имаат елементи на алпинизам, н.з.) се оние на кои би се насочила во иднина - вели Сања.

Спортот е начин на живот за двете девојки, седење дома за викенд речиси не постои. Јасенка трча, вози велосипед, плива, спортско качување. Планинското трчање ѝ е љубов на Сања. Оди и на крос-фит, каде што прави тренинзи за издржливост и сила и признава дека многу ѝ помага во планинарењето.

Јасенка признава дека имале и ризици за време на искачувањето.

-Би го издвоила проаѓањето на Кулоарот на смртта, нешто за кое многумина ни раскажуваа. Решеноста да поминеш низ дел од каде што камења паѓаат како кули од карти, без распоред или некоја логика, се граничи со лудило и коцкање. А, сепак, е толку интересно што сите го проаѓаат брзоплето и без размислување како никој никогаш да не доживеал несреќа таму. Тоа е ентузијазмот на планинарите, алпинистите, па и сите практикувачи на други авантуристички спортови - дека сѐ се случува, ама дека нема да ми се случи мене и нема да ми се случи денес. Сакам таа девиза да ја носам во животот и за работа и за лични односи. Мислам дека позитивната мисла е најважна во сѐ што правиме – вели Миова.



Никогаш не треба да ја потценуваме планината, вели Сања. „Дури и еден Титов Врв зиме знае да донесе многу непријатности.“

Пред Мон Блан, Јасенка и Сања веќе ги искачиле Гран Парадизо во Италија (4.061м) одушевени од убавината и националниот парк, Триглав (2.864m) во Словенија, потоа Олимп со највисокиот врв Митикас (2.918) и Стефани (2.902m) и секако нашите драги домашни планини и врвови кои не треба да ги потценуваме, Пелистер, Титов Врв, Бориславец, Убава и многу други. Сања ни признава дека во зимски услови самата го искачила Митикас.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот