X
 25.12.2020 Наука

Климатските промени може да го олеснат качувањето на Монт Еверест

Промените во притисокот на воздухот на врвот на Монт Еверест влијаат врз количеството на кислород и ја менуваат „перципираната височина“ на највисокиот врв во светот (8.848 метри) за стотици метри, а со загревањето на атмосферата може да се зголеми количеството кислород на врвот, велат група истражувачи.

Според нив, временските услови го менуваат притисокот во воздухот и влијаат врз количеството на кислород на врвот, а тоа ја менува „перципираната височина“ на самиот врв. Со други зборови, разликите во воздушниот притисок значително влијаат врз качувањето на последните стотици метри и во зависност од условите, искачувањето може да биде полесно или потешко. Генерално, качувањето на врвот е полесно кога времето е потопло.

Од 1979 година само 177 луѓе се искачиле на Монт Еверест без да користат дополнителен кислород од шише, кој му помага на телото во искачувањето и ја задржува топлината во екстремитетите. Научникот Том Метјус од Универзитетот „Лоубороу“ во Велика Британија заедно со колегите истражувал повеќе за она што му се случува на телото за време на искачувањето.

Еден од најголемите предизвици во качувањето на Монт Еверест, како и секој друг висок врв, е намалувањето на воздушниот притисок со височината, а бројот на молекули на кислород одговара на воздушниот притисок. Помалиот воздушен притисок значи помалку молекули на кислород, па дишењето станува потешко со искачувањето.


Фото: Pixabay

Метјус и колегите анализирале податоци за воздушниот притисок на врвот на Монт Еверест од 1979 до 2019 година и откриле дека воздушниот притисок може значително да се разликува во зависност од условите. Сепак, повеќето планинари се искачуваат на врвот во еден временски период кога има добри временски услови, а воздушниот притисок е поголем во овој период.

Според Метјус, најдобро време за искачување на Монт Еверест, според количеството на кислород, е во текот на летото, иако истражувачот Џереми Виндзор посочува дека качувањето не се препорачува во јули или август поради дождовната сезона. Метјус открива и дека има разлики во воздушниот притисок од ден на ден, па одредени денови може да бидат полесни, а други потешки.

Метјус и неговите соработници гледаат и кон иднината. Според нив, климатските промени ќе го променат количеството кислород на врвот на Монт Еверест и како што се загрева атмосферата, така на врвот ќе има повеќе кислород. Доколку атмосферата околу Монт Еверест се загрее за 2 Целзиусови степени, перципираната височина на врвот би се намалила за околу 100 метри, односно качувањето би станало полесно.

Автор. Кетрин Корнеи
Извор: eos.org 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука