X
 10.03.2021 Образование

Во април започнува национално тестирање на основци

Резултатите од тестирањето, за почеток како пилот-тестирање на 4.000 третоодделенци, ќе им служат на надлежните да го мерат квалитетот на знаења што ги добиваат учениците, односно врз основа на нив да прават анализи кои ќе покажат каде треба да се подобрува системот

Во Македонија од идниот месец почнува национално тестирање во основните училишта. Целта е да се проверат знаењата на учениците-основци по математика и по јазик, а резултатите ќе им служат на надлежните да ги детектираат и поправаат слабите страни, вели за Деца.мк, Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар.

Наумовска вели дека оваа новина, нема никаква врска со екстерното тестирање кое беше укинато пред неколку години, откако претходно беше дел од образовниот систем.

- Првпат ќе имаме пилот-национално оценување со кое ќе вршиме проверка на знаењата за јазични и за математички вештини на учениците од основно образование. Ќе почнеме по 15 април, и тоа со учениците од трето одделение. Во пилот-тестирањето ќе учествуваат околу 4.000 ученици од училишта низ државата, избрани по случаен избор, а кои учат и на македонски и на албански наставен јазик. Резултатите нема да влијаат врз успехот на учениците, ниту, пак, на наставниците, како што беше случај со екстерното тестирање – информира Наумовска.

Таа појаснува дека овие резултати ќе бидат основа за понатамошни промени во системот.


Елизабета Наумовска

- Нам, како централна институција, овие резултати ќе ни служат за да го мериме квалитетот на знаења што ги добиваат учениците. Периодов се крои образованието, има нова концепција, па затоа е важно кога ќе се креираат наставните програми, да знаеме каде да се стави акцент, дали има потреба, на пример, од обуки за наставници и слично. Ќе правиме анализи кои ќе ни покажуваат каде треба да се подобрува системот. Резултатите од националното тестирање ќе ни бидат индикатор. Исто така, целта е и кога ученик ќе се тестира на меѓународни тестирања, и таму да покажува подобри резултати – вели Наумовска.

Деталите за тестирањето ќе бидат објаснети дополнително, додава таа.

Прочитајте повеќе на Деца.мк.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование