Имајќи го предвид симболот што се врзува за идејата на философијата, а тоа е прашалникот (“?”), еден од “сомнежите” што треба гласно да се артикулираат е: зошто, како школски предмет, философијата не е предвидена уште во основното образование?
Философијата покренува животни прашања, ги проширува капацитетите на размислувањето, затоа е корисна во успешното совладување на другите школски предмети што се претставуваат како поважни во образованието на учениците. Бројни студии покажале дека децата што учеле философија се понапредни во математика и правоговор.
Резултатите од неодамнешно истражување спроведено меѓу 3000 ученици во четврто и петто одделение во 48 училишта низ Англија, докажале дека учениците што слушале предмет философија по еден час неделно во текот на една учебна година биле пописмени и повешти по математика на тестовите, за разлика од другите што го немале тој предмет. Ниедна од групите немала дополнителни часови по математика и правоговор, разликата е во делот на предавањата по философија.
Детето кое учи да размислува преку философски аргументации, многу полесно се снаоѓа со математичките проблеми. Философијата, исто така, учествува и во градењето на нивната личност и карактерните особини. Таа ги подучува да имаат трпение, да ислушуваат, да го почитуваат другото мислење и да ја насочат енергијата кон извлекување решенија за проблемите, воопшто.
Покрај тоа што им помага да се разберат себеси, философијата посредува и во меѓусебното разбирање кај децата. Професорката по философија,
Мор Лoн од Сиетл, им организира часови на “бели и црни” деца, да ги дискутираат прашањата за расите во Америка, иако таа вели дека за некои родители, тоа било прерадикален и избрзан чекор. Философијата е кантар и кога се дискутираат искуствата на децата од посиромашните подрачја во присуство на попривилегираните другарчиња.
Не е поентата философијата да ги замени математиката и науката, кои се исто така важни во обликувањето на мислечки личности. Но, земајќи ги предвид бенефитите од предавањето философија, таа заслужува присуство во училниците, дури и кога би ја применувале наставниците по математика или природни/општествени науки.
Најголемата причина за отсуството на овој предмет е што се смета за прилично недостапен, ентропичен, а се превидува фактот дека секојдневно сме посветени на размислување за организирањето на животот, дека ја коментираме суштината на ситуациите, се прашуваме за смислата на нештата итн.
Децата се посклони на темелно размислување, но притисокот од формалното образование ги тера да го потиснат својот љубопитен дух, со што му даваат предност на учењето, пред разбирањето.
Сепак, едно е јасно: философијата е изворник на покритија за сите дилеми, па и за научните потврди.