X
 04.12.2017 Образование

Чудна ситуација во Германија – итно се бараат мажи-наставници


Наставник пишува на табла
(Фото: Pixabay)


За многу деца во Германија е сосема необично кога во првите одделенија во основно училиште ќе се сретнат со учител или наставник. „Некои се толку збунети што ги ословуваат со госпоѓо наместо со господине Патерсон или, пак, им велат госпоѓо господине Патерсон“, истакнува  Кристоф Фантини, водач на отсекот за педагогија при Универзитетот во Бремен, во интервјуто за „Дојче веле“. „Тие никогаш не доживеале маж на оваа функција, па не знаат како треба да го ословуваат.“

„Немажествена професија“

Наставниот кадар во основните училишта во Германија претежно е од женски пол. Во 2015 година, на студиите за одделенска настава од запишаните 17.500 студенти, а само 2.500 биле машки. Една од причините за овој тренд можеби е и висината на платите – затоа што наставниците во средните училишта земаат во просек по неколку стотици евра повисока плата во споредба со колегите што работат во основните училишта.

Но Фантини не верува дека тоа е главната причина. Тој е убеден дека причината е во тоа што сметаат дека таа професија не е за мажи. „Тие се плашат дека ќе мора да се грижат за мали деца и страв им е од емоционалната блискост со нив“, тврди тој.

За да се промени таквото извртено сфаќање, Кристоф Фантини пред пет години ја покренал програмата „Rent a teacherman“. Во Бремен, градот каде што и тој предава, од 90 јавни училишта во дури 19 наставниот кадар е исклучиво составен од жени. Токму во тие училишта сега во рамките на програмата три часа неделно како асистенти работат студенти на одделенска настава. Од тоа профитираат и двете страни – учениците имаат можност да доживеат и учители во наставата, а не како досега само учителки, додека, од друга страна, студентите собираат вредни практични искуства, а притоа можат и да заработат.

Проектот е финансиран од министерството за образование на сојузната покраина Бремен. Во рамките на програмата моментално партиципираат 36 учители во 18 основни училишта во овој град-покраина.

Еден од нив е и Ерик Шефер. Овој 28-годишен студент во мај ја предал својата дипломска работа, а во февруари ќе почне и со задолжителната едногодишна пракса (referendariat). Шефер зад себе веќе има петгодишно искуство во рамките на програмата на Фантини. Секоја среда попладне работи со четири четвртоодделенци во својата редовна „математичка работилница“. Таа изборна настава е наменета за ученици што сакаат да научат повеќе. Неговата почетна мотивација за вклучување во програмата „Rent a teacherman“ била желбата за собирање практично искуство. Сега вели дека низ програмата сфатил дека добро може да работи со помлади ученици и дека ја избрал вистинската професија за себе. „Им требаа неколку недели да се навикнат на мене. А им беше уште потешко поради тоа што имам долга коса.“

Во цела Германија им требаат повеќе машки примери во училиштата – независно од припадноста на поедини општествени слоеви, тврди Фантини, иницијаторот на бременскиот проект. За децата би било добро да видат дека не постои професија што е само за жени или само за мажи, аргументира тој. Раскажува за еден студент кој партиципира во неговата програма и кој неодамна ги прашал децата за нивното мислење зошто има толку мал број на учители-мажи. „Еден ученик му одговорил: затоа што жените се попаметни, а мажите – посилни.“

Еден друг ученик на наставата на „најмените учители“ на Фантини, на прашањето кои професии ги смета за „машки“, одговорил: готвење, бокс, танцување и учителската работа – токму оние што неговиот учител ги навел како свои „страсти“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование