X
 10.03.2022 Живот

67 отсто од средношколците биле жртви на насилство, девојчињата се на мета

Она што е загрижувачки е што 83,6 отсто покажуваат дека девојчињата се почести жртви на родово базираното насилство во училиштата, наведено е во последното истражување направено на оваа тема

Во анонимното и доброволно истражување учествувале 305 ученици од три училишта за средно образование - „Здравко Цветковски“, „Зеф Љуш Марку“ и „Шаип Јусуф”. Учениците одговарале на анкетен прашалник со 25 прашања, за кој „Аналитика тинк тенк“ неодамна спроведе истражување во рамките на проектот „Развој на култура на мир и превенција на насилство“.

- Високи 67,5 отсто од анкетираните ученици биле жртва на некаков вид насилство, но и високи 62,3 отсто од нив биле/учествувале во спроведување насилство врз други ученици. Ова уште еднаш ја потврдува хипотезата на кругот жртва/насилник. И на жртвата и на насилникот им е потребна помош и поддршка од страна на стручни лица бидејќи сите практики покажуваат дека многу лесно може да се случи жртва од еден вид насилство во некоја наредна ситуација да премине во улога на насилник - стои во објавениот документ.

Физичкото насилство најзастапено


Целта на ова истражување била да се истражат и утврдат видовите насилство на кои се изложени учениците во средните училишта и нивната
фреквенција, како и перцепцијата за формите на насилно однесување од училишни врсници во однос на полот.

- Дури 62,7 отсто од испитаниците потврдиле дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина, 21 отсто сметаат дека насилството се случува ретко, а 16,4 отсто сметаат дека нема насилство во нивните училишта. Најголем број од нив го препознаваат физичкото насилство кое во голема мера е највидливо, понатаму според учениците во висок процент е присутно психичкото и електронското насилство, додека социјалното и родово базираното се помалку видливи и прикриени форми на насилство. Но ова не ни дава прецизна информација во идентификување на родово базираното насилство бидејќи родово базираното насилство може да биде психолошко, физичко и/или сексуално и се однесува на наметнувањето или истакнувањето на нееднаквата моќ меѓу половите - наведено е во истражувањето.

Девојчињата се почесто жртви


Она што е загрижувачки е што високи 83,6 отсто покажуваат дека девојчињата се почестите жртви на родово базираното насилство во училиштата. Родово базираното насилство и родовата рамноправност се една од најгорливите теми во нашата заедница, па и во училиштата.

- Потребно е стручната служба да работи на развој на емоционалната интелигенција кај учениците, т.е. на разбирање на чувствата на другите ученици и на тој начин да ја развива емпатијата што ќе придонесе за намалување на насилството во училиштето. Насилникот не треба веднаш да се казнува и осудува со најстроги казни и мерки. Потребно е со него да се работи, да му се даде помош и поддршка со цел да се надмине проблемот што довел до насилно однесување и да се промени таквиот начин на однесување - стои во препораките и заклучоците.

Освен тоа, како што е наведено, потребно е училиштата почесто да спроведуваат истражувања за процена на училишната клима бидејќи таквите информации и податоците ќе им помогнат навремено да бидат информирани за случувањата помеѓу учениците, што од друга страна значи и навремено преземање на соодветни мерки за превенција на насилство.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот