X
 07.03.2018 Образование

Етикетирани како мрзливи и неспособни стигаат до средно училиште без никој да забележи дека страдаат од дислексија

Нашите резултати ги потврдија овие очекувања во целост, при што се доби дека вкупно 248 ученици, односно 12,2% од сите испитани ученици си препознаваат знаци на дислексија, умерена и силно изразена, додека 49 ученици, односно 2,1% од испитаната популација покажуваат знаци на силно изразена дислексија – вели професорката Шурбановска.

Ученици од Македонија етикетирани како мрзливи, неинтелигентни, неспособни, го поминуваат цел образовен процес без никој да знае дека всушност страдаат од дислексија. Ова го потврди и обемното истражување на Здружението за дислексија „Ајнштајн“ направено во повеќе средни училишта. Ова истражување покажа дека кај 12,2 проценти од испитаните ученици се препознаваат знаци на дислексија, умерена и силно изразена, додека 2,1 проценти покажуваат знаци на силно изразена дислексија.

Учениците сами се повлекуваат за да не испаднат глупави

Проф. д-р Орхидеја Шурбановска, вонреден професор по Педагошка психологија при Институтот за психологија при Филозофскиот факултет – УКИМ, ни објаснува како е можно ученици да го поминат целиот образовен пат од основно до средно училиште и никој да не забележи дека страдале од дислексија. Таа вели дека до скоро оваа состојба не била позната кај повеќе од наставниците и родителите.

- За жал, овие деца биле обележувани како мрзливи, неспособни, немотивирани. Непрепознавањето на појавата произлегува и од фактот што овие деца не се разликуваат во ништо од другите, ниту во интелектуалните способности ниту во однесувањето, напротив, кај нив се поизразени креативноста и креативното размислување. Односно, размислување на поинаков начин, што наставниците го толкувале како невообичаено во негативна смисла – вели Шурбановска.

Таа објаснува дека наставниците забележуваат дека одредени деца имаат проблеми со читањето и понекогаш во разбирањето на појавите и на содржината што се учи.

- Тие деца најчесто си ги разбираат „работите“ на свој невообичаен начин. Но немајќи време (поради бројноста на учениците во паралелката), а и другите ограничувања што ги имаат наставниците, како да се предаде содржината и да се заведе во дневникот поради инспекцијата што може да ги казни доколку не го направат тоа, тие најчесто не ги активираат овие деца во наставата, а и самите ученици со дислексија го прифаќаат тоа со задоволство. Тие се повлекуваат на часот „за да не испаднат глупави“ и исмеани и не се активираат во наставата. Тоа кај нив создава чувство на безвредност, беспомошност и често се анксиозни, под постојан стрес, па дури и гневни. Притоа сè повеќе се оддалечуваат од учењето и од училишните обврски – објаснува Шурбановска.

Дислексијата не е болест

Дамјан Николовски, претседател на Здружението „Ајнштајн“, вели дека дислексијата не претставува болест и во никој случај не треба да се зборува за дислексијата како за „дијагноза“, што претставува медицински термин. Кога се зборува за состојбите со отежнато читање и пишување, треба да се зборува за идентификација или препознавање на дислексијата како тешкотија.

- Дислексијата не е предизвикана од лоши училишта, не е предизвикана од лоша наставна практика, од несовесни родители или, пак, од тешки услови за живот во домашната средина. Овие фактори може да ги направат работите потешки за еден ученик со дислексија, но никако не може да предизвикаат ученикот да развие дислексија. Важно е да се нагласи и дека не сите тешкотии при учењето се предизвикани од дислексијата – вели Николовски.

Дислексијата е всушност состојба при која мозокот различно го процесира пишаниот или говорниот јазик. Оваа состојба примарно се поврзува со тешкотии во читањето, но таа може да влијае и врз пишувањето, спелувањето, а понекогаш и врз говорот.

- Лицата со дислексија можат да ги разберат комплексните идеи, но потребно им е повеќе време за анализа на поединечните информации и детали. Според светските статистики, голем број ученици се соочуваат со ваков вид тешкотии – вели Николовски.

Околу 12 проценти од средношколците имаат дислексија

Професорката Шурбановска и тимот од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ направија обемно истражување за тоа колку е раширена дислексијата меѓу средношколците во земјава. Проектот „Инфо ѕид за дислексија“ е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Целта на истражувањето не била само да се испита состојбата со дислексија кај учениците, туку и како наставниците и родителите да им помогнат на овие ученици. Испитани се 2.328 средношколци од прва година гимназија во 15 средни училишта во 8 региони во Македонија. Се очекувало дислексијата во средните училишта да биде изразена кај околу 10 до 15% од учениците, а силно изразената форма на дислексија да биде застапена кај 2 до 4% од учениците, според светските статистики за дислексијата објавени во Британската асоцијација за дислексија.

- Нашите резултати ги потврдија овие очекувања во целост, при што се доби дека вкупно 248 ученици, односно 12,2% од сите испитани ученици си препознаваат знаци на дислексија, умерена и силно изразена, додека 49 ученици, односно 2,1% од испитаната популација покажуваат знаци на силно изразена дислексија. Да не заборавиме дека се испитани ученици од прва година средно училиште, со намера да се испита дали сѐ уште таа состојба кај нив не е надмината во текот на дотогашниот нивен образовен процес – вели Шурбановска.


И таа потенцира дека дислексијата не е болест, па таа не се лекува, туку е поинаква состојба отколку кај повеќето ученици. Кај овие ученици само оди потешко читањето, понекогаш и пишувањето (дисграфија) што е поврзано со учењето.

- Оваа состојба треба што порано да се открие кај учениците и со соодветни пристапи од страна на наставниците и родителите да се работи на унапредување на читањето и на учењето. Кај повеќето ученици тоа може да се надмине уште во првите одделенија од образованието. Но, доколку не се детектира и не се обрне посебно внимание на овие ученици, може да има големи последици дури и врз нивната личност. Пред сѐ, во намалената самодоверба и мотивација за учење. Бидејќи тие многу се трудат, но поради поинаквиот начин на мислење, не постигнуваат високи училишни резултати – објаснува таа.

Од друга страна, пак, поради тоа што повеќето од нив се високо интелигентни, развиваат одредени одбранбени механизми кои им помагаат да ја одржат својата самодоверба (бидејќи и тие ја забележуваат таа нивна состојба и како недостаток и како дарба).

- Затоа, многу од нив понатаму во животот стануваат успешни професионалци во дејности каде што се бара посебен начин на размислување и снаоѓање во позитивна смисла на зборот, како претприемачи, артисти, уметници, музичари, па дури и иноватори и научници (впрочем, како што бил и Ајнштајн) – вели Шурбановска.

Како да ја препознаете дислексијата

За да се препознае дислексијата кај децата, најпрвин родителите и наставниците треба да бидат информирани, па дури и обучени за тоа каква состојба е таа, кои се знаците за нејзино препознавање и како треба да се пристапува во наставата со овие ученици. За таа цел, Здружението „Ајнштајн“, каде што членува и Шурбановска, направило обука на околу 1.000 наставници во земјава во последните две години. Тие дополнително ќе работат со наставниците за тоа со какви пристапи и методи треба да се работи со овие ученици.

На веб-страницата http://www.dyslexia-info.com/ секое дете може да се тестира и да се провери дали евентуално покажува знаци за дислексија и може да најде повеќе содржини поврзани со оваа појава, со цел само да си помогне во учењето, но и во прифаќањето на дислексијата како одредена состојба што може да се надмине.


Ако во првите девет години од образованието ученикот ги покажувал знаците на дислексија, како што се: испуштање букви, нефлуентно читање, бавно читање или неразбирање на прочитаното – тогаш, веројатно, како средношколец ќе прави напори и ќе смислува одбранбени стратегии за да ги прикрие тие недостатоци. Токму тие стратегии го спречуваат препознавањето на дислексијата, а со тоа и коригирањето на состојбата. Најчести стратегии што ги применуваат средношколците што имаат дислексија се:

• Симулирање болест (главоболка, болки во стомакот и сл.);
• Бегање од часови;
• Непримерно однесување заради одвлекување на вниманието на наставникот и на учениците во, за нив, „безбедна зона“;
• Учење напамет, без разбирање;
• Заземаат став пред соучениците дека други работи се поважни од образованието;
• Предаваат празни писмени работи;
• Одбиваат да одговараат на прашања на наставникот, иако го научиле градивото, ја наведнуваат главата и молчат;
• Изнаоѓаат различни изговори за да не одат на училиште;
• Често се снаоѓаат за друг да ја сработи нивната задача;
• Често остваруваат другарства со деца пред кои не мора да читаат или да пишуваат.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование