За да ги спасат животите на астронаутите, техничкиот персонал и на патниците, инженерите од
НАСА практикуваат широка лепеза од необични тестови кои вклучуваат многу паѓања, купишта кукли за тестирање и понекоја експлозија.
Центарот за истражување „Ленгли“ минатата недела објави видеоснимка со тест-судири каде што главна „улога“ имаат експериментални кукли кои „преживуваат“ стравотни несреќи со единствена цел – земјените и вселенските летови да станат што побезбедни за човечките пилоти и патници.
Целта на овие експерименти е обезбедување пресудни информации за научниците кои проверуваат како вештачките тела на вештачките патници поднесуваат различни видови судири и хаварии. Токму затоа овие кукли со човечка форма се опремени со низа сензори и инструменти за да можат да симулираат вистински човечки тела, а тежат од 52 до 110 килограми.
Откако ќе ги опремат со сензори, инженерите ги сместуваат во седиштата од авиони или вселенски летала за потоа да ги фрлат од голема висина.
Во март 2017 година, десет кукли и многу предмети собрани од Центарот за изгубени работи (кои никогаш не биле побарани назад) од Алабама биле сместени во телото од еден авион фрлени на земја од висина од 4,2 метри. По падот, торбите биле уништени на неколку места, но куклите не доживеале никакви промени. Ваквите информации им служат на научниците и на инженерите како основа за нови безбедносни стандарди во воздухопловството.
НАСА со помош на вакви кукли ја тестира и капсулата „Орион“, која еден ден ќе се користи за патување во длабоката вселена. Кога еднаш ќе се врати на Земјата, таа полека ќе се спушти во океанот, со помош на три вградени падобрани. Агенцијата користела две кукли – едната помала, а другата поголема, кои по сместувањето во „Орион“ биле веднаш фрлени во базен полн со вода (познат и како базен за водени удари – Hydro Impact Basin) од висина од 6 метри.
Инженерите ги тестирале куклите облечени, но и голи, за да добијат подобар увид во заштитата што ја обезбедуваат вселенските скафандери и нивното влијание врз стабилноста на главата и вратот.
Како изгледа сето тоа? Погледнете го видеото: