X
 24.04.2020 Живот

Добре дојдовте на Земјата, а сега држете се на безбедно растојание

Ендрју Морган, Џесика Меир и Олег Скрипочка беа дел од првата мисија за враќање на Земјата откако Светската здравствена организација (СЗО) во март прогласи пандемија на новиот коронавирус.

Морган стаса на Меѓународната вселенска станица во јули минатата година, а Меир и Скрипочка му се придружија во септември 2019. На Земјата слетаа на 17 април 2020 година.

НАСА и Роскосмос обично во живо го прикажуваат слетувањето на капсулите на Земјата, меѓутоа, овој пат не се случи тоа поради техничките ограничувања поврзани со епидемиолошката ситуација.

На снимките и фотографиите што беа објавени може да се види дека екипажот бил дочекан од екипа која, носејќи маски за лице и ракавици, ги извлекла од капсулата „Сојуз МС-15“.

- Ве молам, држете се на безбедно растојание - можеше да се чуе како им порачува еден член на екипажот од Земјата.



Триото слета во Казахстан, како и претходните екипажи, но пандемијата предизвика промена на останатиот протокол. Екипажот нема да лета од казахстанскиот аеродром во Караганди, како и обично, затоа што е затворен. Наместо тоа, Скрипочка кон Русија ќе полета од космодромот Бајконур, кој се користи за лансирање на Меѓународната вселенска станица, додека Морган и Меир ќе се качат во авион стациониран во Кизилорда за да се вратат назад во Хјустон.



Џесика Меир изјави дека ќе ѝ биде тешко што нема да може да се изгушка со членовите на фамилијатa и пријателите и дека ќе ѝ треба време да се снајде и навикне на социјалното дистанцирање и новите околности што ја дочекаа на Земјата.

- Мислам дека на Земјата ќе се чувствувам поизолирана отколку во вселената - изјави таа.


Извор и фотографии: National Geographic
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот