X
 12.03.2021 Технологија

Вака звучи ласерот што се наоѓа на роверот „Персевиренс“ на Марс

Сега знаеме како звучи и ласер во друг свет. Роверот „Персевиренс“ на НАСА првпат го употреби инструментот наречен „Суперкам“ на Марс.

Оваа светлосна сонда со висок интензитет може да ги идентификува карпите на растојание. Тоа е техника што ја користеше и претходниот ровер на НАСА, „Кјуриосити“.

Но, има некои подобрувања, вклучително и микрофон што ни овозможува да слушнеме како работи ласерот. Не станува збор само за убава опција, трик за пиар-цели, туку обезбедува дополнителни информации кои се корисни за научниците.

1
SuperCam/Фото: NASA/JPL-CALTECH

Звукот на ласерот што удира во карпите открива информации за цврстината на работите што се испитуваат.

- Aко тропнеме на тврда површина, нема да го слушнеме истиот звук како кога тропаме на мека површина - објаснува Наоми Мардок од Националниот француски институт за аеронаутика и вселена во Тулуз.

- Земете ги за пример кредата и мермерот. Овие два материјали имаат идентичен хемиски состав (калциум карбонат), но различни физички својства - додава Наоми.

На брифинг за медиумите, д-р Мардок отсвири три различни звуци снимени од микрофонот на „Суперкам“. Едниот беше генералниот звук на Марс, вториот беа налети на ветер, а третиот беше ласерот во акција.

1
Фото: NASA

„Персeвиренс“ на 18 февруари слета во кратерот Језеро на Марс за да бара докази за претходен живот. Ова се смета за одлична локација за таква потрага бидејќи речиси сигурно имало езеро пред милијарди години; а каде што имало вода, можеби имало и живот.

Инструментот „Суперкам“ е развиен во партнерство помеѓу француски и американски истражувачки тимови. Првата карпа што ја изучува е наречена Мааз, што значи Марс на навахо јазик што го зборуваат домородните Американци во САД.

nasa
Микрослика од карпата Мааз/Фото:NASA/JPL-Caltech/LANL/CNES/CNRS

Откриено е дека Мааз имал базалтска природа. Базалтот е доста чест на Марс. Станува збор за карпа што содржи многу магнезиум и железо и е нешто што се формира од рапидно брзо ладење на лава.

- Сè уште не знаеме дали оваа карпа е вулканска или можеби седиментна, составена од вулкански зрна што биле излиени низ реката во езерото Језеро и цементирани заедно - вели главниот истражувач на „Суперкам“, Роџер Винс, од Националната лабораторија Лос Аламос во Ново Мексико.

- Ќе мора да користиме повеќе техники и да ја проучуваме околината за подобро да ги разбереме деталите - додава тој.

Поголемиот дел од првите три недели на Марс „Персевиренс“ минуваше низ проверки по слетувањето. Сега почна да вози кон северозапад.

Непосредна цел е експеримент со хеликоптер. Роверот со себе понесе мал хеликоптер. Возилото бара соодветна површина каде што уредот од 2 килограми, наречен „Инџинуити“, ќе може безбедно да слета. Моментално леталото се наоѓа во „стомакот“ на „Персевиренс“.


Извор: ВВС
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија