X
 10.04.2019 Живот

Деконтаминиран дел од град во близина на „Фукушима“

Јапонските власти им дозволија на жителите на дел од градот Окума да се вратат во нивните домови, во близина на нуклеарната централа „Фукушима“, која имаше хаварија по ударот на цунами во 2011 година при што од неа беше ослободено големо количество јонизирачка радијација.

Властите информираа дека е извршена сеопфатна деконтаминација на околу 40 отсто од Окума и дека тој дел од градот сега е безбеден за живеење. Од друга страна, останатиот дел од Окума, како и вториот град во близина на „Фукушима“, Футаба и околните населби и натаму се „премногу озрачени“.

Деконтаминацијата на теренот е извршена со отстранување на горниот слој од земјата, сечење на дрвјата и темелно миење на куќите и на улиците.

Сепак, многу жители на Окума одбиваат да се вратат во своите домови, сметајќи дека процесот на деконтаминација сè уште не е завршен.

Критичарите на јапонската влада обвинуваат дека одлуката за враќање на жителите во Окума е во рамките на владините обиди да промовираат безбедност во пресрет на Олимписките игри во Токио во 2020 година.

Некои експерти сметаат дека со начинот на кој е извршена „деконтаминацијата“ радијацијата само е преместена од едно место на друго и е создадено огромно количество радиоактивен отпад.

По хаваријата во „Фукушима“, која беше класифицирана како седмо, највисоко, ниво на нуклеарен инцидент, од околината на нуклеарката беа евакуирани околу 160.000 лица.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот