Јапонската вселенска агенција соопшти дека успешно бомбардирала астероид како дел од нејзината мисија за подобро разбирање на историјата на Сончевиот Систем.
Од Јапонскиот центар за вселенски истражувања истакнаа дека нивниот вселенски брод „Хајабуса 2“ го детонирал бакарниот експлозив на астероидот Риугу во петокот.
Експлозивот тежи околу два килограма и е голем колку безбол-топка. Вселенскиот брод го испуштил експлозивот на околу 500 метри над површината на астероидот.
Целта на експлозијата била да се создаде вештачки кратер. Центарот сега истражува дали или како е создаден кратер.
Бакарната плоча на дното од топката се очекуваше да се претвори во топка кога ќе падне од вселенскиот брод и ќе удри во астероидот со брзина од 2 километра во секунда.
Мисијата беше неверојатно ризична за вселенското летало бидејќи тоа веднаш мораше да се придвижи и да се скрие на другата страна од астероидот за да се заштити од летечките отпадоци од експлозијата.
Од јапонската агенција сега чекаат фотографии од експлозијата и не се знае колку време ќе биде потребно за тие да стасаат до Земјата.
Ако сè се одвива според планот, од агенцијата планираат да го пратат леталото на астероидот кога прашината и остатоците од експлозијата ќе се смират.
Во агенцијата се надеваат дека ќе соберат подземни примероци од астероидот, кој можеби содржи органски супстанции и вода, што може да посочи на потеклото на Сончевиот Систем.
Јапонците се надеваат дека вселенскиот брод и собраните примероци ќе се вратат на Земјата до 2020 година.
Минатиот септември јапонската агенција слета два робота на Риугу, со што Јапонија стана првата земја во светот што слета ровери на астероид.
„Хајабуса 2“ исто така
успешно слета на рамна површина на Риугу во февруари и собра површинска прашина и отпадоци.