X
 10.04.2019 Живот

Литванец купил обична авионска карта до Италија, а добил цел авион

Кога Скирмантас Стримаитис си купил карта во еден правец до Северна Италија, не ни помислувал дека ќе биде единствениот патник во авионот. Но, овој Литванец, кој на 16 март одел од Вилнус до Бергамо на скијање, бил шокиран кога дознал дека целиот „боинг 737-800“ е само за него.

Единствените негови сопатници во леталото со капацитет да собере 189 патници биле двајцата пилоти и пет члена на екипажот.

Стримаитис се посомневал дека нешто не е во ред кога отишол на аеродромот во Вилнус за да ја чекира картата и му било кажано дека екипажот го чека.

Туроператорот „Новатурас“ потврди дека закупил лет од Бергамо до Вилнус за група клиенти за тој ден. За леталото да не се враќа празно, билетите во еден правец биле ставени на распродажба за враќањето.

Но, само Стримаитис купил билет и тоа довело до уникатно и нереално искуство, како што го опишува тој.

- Отпрвин екипажот изгледаше прилично збунет. Можеби беше ново искуство и за нив. Ми беше обезбедена лична демонстрација за безбедност пред летот. Тогаш уживав во летот правејќи си селфиња и пишувајќи. Тишината во авионот беше многу необична. Се смеев цел ден - вели Стримаитис.

Фото: CNN

Тој сподели и селфи од себеси во празниот авион за време на патувањето кое траело два часа. Стримаитис вели дека пилотот му се обратил со „господине Патник“ на разгласот кога слетал авионот.

- Екипажот рече дека било убаво што сум бил на летот. Сигурен сум дека тоа беше лесна работа за нив - објаснува тој.

Секако, ова не е првпат обичен патник да добие цел авион за себе. Керон Грив беше единствениот патник на лет на „џет 2“ од Глазгов до Крит во 2017 година. Минатата година Бет Вер Стиг леташе од Њујорк до Вашингтон во речиси празен авион откако неименувана авионска компанија по грешка ѝ букирала карта на лет наменет само за персонал.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот